Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаМијалков си поднесе оставка на сите фунцкии во ВМРО-ДПМНЕ

Мијалков си поднесе оставка на сите фунцкии во ВМРО-ДПМНЕ

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков денеска преку соопштение од Kомуникацискиот центар на ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека ја става во мирување својата политичка активност.

„Со цел да се завршат судските постапки кои се во тек, а во кои што кај мене постои лично убедување дека ќе се докаже вистината, донесов лична одлука да се повлечам од сите партиски функции. Низ целиот мој животен и работен век со своите можности, сила и знаење се вградував во партијата, почитувајќи и верувајќи во нејзините определби и идеја, и залагајќи се за доследност и посветеност кон истите“, стои во соопштението.

Мијалков наведува декa неговиот ангажман и професионални заложби за Македонија за време на неговото работење во државните институции ќе бидат уште повеќе валоризирани и верификувани низ една историска дистанца.

„Продолжувам и понатаму силно и убедено да ги поддржувам вредностите на партијата и она во што секој наш член верува, каузата на историското ВМРО и визијата за просперитетна Македонија, напредна и модерна, членка на ЕУ и НАТО“, стои во соопштението.

Мијалков досега беше член на Изврчниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Тој инаку е еден од главните осомничени во предметот „Трезор“ за набавката на израелската опрема за прислушување преку офшор компанијата „Финзи“. Во предметот „Таргет – Тврдина“ тој е осомничен како нарачател на масовното незаконско прислушување. Во „Тортура“ тој е првоосомничен како нарачател на нечовечкото апсење и изживување врз лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошковски.