Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаМигрантка од Авганистан се породи на пат кон гевгелиската болница

Мигрантка од Авганистан се породи на пат кон гевгелиската болница

На територијата на Македонија во изминатите 24 часа се откриени вкупно 47 мигранти, од кои 39 во атарот на радовишкото село Дамјан, а осум во близина на граничниот премин Стар Дојран, меѓу кои и бремена жена која била породена од лекари од гевгелиската Брза помош, соопшти МВР.

Вчера во близина на раскрсница Богданци од страна на полицијата е откриена група од осум мигранти, меѓу кои три малолетни деца, две жени и тројца мажи. Авганистанката Ф.Х. (20) се пожалила на јаки породилни болки и побарала медицинска помош по што била пренесена кон Гевгелија. Околу 6.25 часот во близина на Богданци пристигнале медицински лица од Црвен Крст и екипа од Брза Помош-Гевгелија.

Бремената жена била превземена од лекарите од Брза Помош-Гевгелија и по пат до болница родила машко дете. Жената со новороденчето се сместени во ЈЗУ Општа Болница Гевгелија, додека останатите лица од групата со кои била во семејно сродство од страна на полицијата се пренесени во Прифатниот транзитен центар Гевгелија.

Во центарот на село Дамјан околу 12 часот од полицијата било пронајдено напуштено комбе со скопски регистерски ознаки, чиј возач избегал од местото на настанот. Еден час подоцна во атарот на селото на стариот земјен пат за село Пугулево кај месноста викана Бунар биле пронајдени вкупно 39 мигранти од Сирија од кои 21 маж, 10 жени и 8 деца.

Лицата биле приведени, а по наредба на Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се пренесени во Прифатниот центар на РЦ за ГР Север и Прифатниот центар-Гевгелија.