Tuesday, Apr 23, 2024
HomeАЈНШТАЈНИЈААрхеологија и ИсторијаМермерна статуа од II век откриена во "Стибера"

Мермерна статуа од II век откриена во "Стибера"

На античкиот локалитет „Стибера“ кај Прилеп е пронајдена нова, мермерна статуа во природна големина која датира од 2 век од нашата ера. Според директорката на „Завод и Музеј“ Прилеп, Гордана Данилоска-Спироска станува збор за мермерна статуа во природна големина, без глава, изработена со високостилизирани елементи.

– Античкиот локалитет „Стибера“ е најголемото наоѓалиште на антички мермерни статуи. Секое ископување, наоѓаме по нешто. И при ова ископување ја откривме мермерната статуа без глава, во природна големина. Префинетата изработка на статуата во наметка со свиток во едната рака потврдува дека е посветена на некој значаен граѓанин на „Стибера“ и е од 2 век од нашата ера. Сега следува процесот на конзервација и чистење на статуата и најверојатно ќе биде изложена во археолошката поставка на прилепскиот музеј, изјави Данилоска -Спироска.
stibera
Археологот и виш кустос Душко Темелкоски објасни дека годинава се истражува на дел од градбите на овој локалитет и се претпоставува дека станува збор за собранието на градот „Стибера“. – Пронајдена е и камена плоча на која пишува дека Собранието на Стибера му дава почест на заслужен граѓанин на Стибера. Градбата е монумернтална, широка 17 метри. Се уште нема друга потврда за Собранието, но статуата е репрезентативно откритие, вели Темелкоски.

Министерката за култура Елизабета Канческа – Милеска која го посети локалитетот „Стибера“ смета дека пронаоѓањето на овој ексклузивен наод е потврда за неговата големина и значајност, а ова е ексклузивен наод. Античкиот град Стибера бил голем, а датира од 2-от до 4-от век пред нашата ера. Досега на локалитетот се пронајдени повеќе мермерни статуи.