Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаMЕПСО ја суспендира компанијата „ЕНГ сервис трејд“ од пазарот за струја

MЕПСО ја суспендира компанијата „ЕНГ сервис трејд“ од пазарот за струја

MЕПСО привремено ја суспендира компанијата „ЕНГ сервис трејд“ и таа од денеска до 1 ноември го губи правото да работи како снабдувач на пазарот за електрична енергија, соопштуваат од компанијата.

Согласно со правилата за пазар на електрична енергија (ППЕЕ), како организатор на пазарот на електрична енергија, МЕПСО изрекува суспензија во услови кога компанијата не ги исполнува своите обврски, кои во овој случај се создадени поради преземена, но неплатена електрична енергија.

„Суспензијата ќе биде продолжена до крај на ноември доколку во тој период снабдувачот не ги намири обврските. Ако и до крајот на ноември не бидат намирени обврските, МЕПСО, во согласност со ППЕЕ, ќе го раскине договорот со компанијата снабдувач „ЕНГ сервис трејд“. Новиот менаџмент на МЕПСО во период од еден месец ги презеде сите располживи мерки: издаде опомени, активираше финансиска гаранција и, на крај, заради ненамирување на обврските, привремено ја суспендираше компанијата снабдувач со електрична енергија согласно со ППЕЕ. Освен овие мерки, МЕПСО ги презеде и сите расположливи законски мерки и активности за наплата на своите побарувања“, се вели во соопштението на МЕПСО.

Од таму додаваат дека значајно е тоа што сите компании потрошувачи кои досега биле клиенти на „ЕНГ сервис трејд“ во изминатиов период, обезбедиле нови снабдувачи со електрична енергија. Со тоа се обезбедило редовно и непрекинато снабдување на тие компании со електрична енергија.

Долгот на снабдувачот „ЕНГ сервис трејд“ кон МЕПСО е направен во најголема мера во првиот квартал годинава, но од засега непознати причини претходниот менаџмент не ги активирал инструментите за наплата на долгот, за што МЕПСО ги извести надлежните државни инстанци.

Одлуката за суспензија на „ЕНГ серис трејд“ е објавена на корпоративната интернет-страница на МЕПСО.