Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаМемети: Повеќе од 150 косовски бегалци живеат илегално во Македонија

Мемети: Повеќе од 150 косовски бегалци живеат илегално во Македонија

Бегалците од косовската криза 18 години престојуваат во Македонија, и се уште се без решен статус. Овие лица живеат во тешки услови, без средства за егзистенција, без здравствена заштита, без можност за добивање на матични броеви за нивните деца и остварување на други права, информираше на денешната прес конференција Народниот правобранител, Иџет Мемети.

Како што пренесува „А1он“, меѓу бегалците има такви на кои им се издава документ со кој лицето е во фаза на суспендирано враќање и со овој документ наречен „жолт картон“ на бегалците им се одложува враќањето во матичната земја, а со што истовремено им се ограничува пристапот и остварувањето на сите права во Македонија.

– Народниот правобранител не успеа да добие одговор врз основа на што им се издава таков документ, кога нашиот правен систем не признава таква работа. Ако е израз на волја во најмала рака истата требало да се узакони, во тој случај во прашање е владеење на правото, вели Мемети.

Поради лошата состојба во која се наоѓаат бегалците од Косово, тие се обратиле за заштита кај Обудсманот. Еден од ваквите случаи е и лицето И.Б. кое како 13-годишно дете заедно со семејството пребегуваат од Косово во Македонија каде најпрво ова лице има хуманитарен третман, потоа е под супсидијарна заштита, а веќе од 2011 година лицето е исклучено од секакви права во државата.

И.Б. досега ја нема напуштено територијата на Република Македонија, доделен и е социјален стан каде престојува со своите четири деца, се пријавила за интеграција во Македонија и има поднесено барање за прием во со државјанство, но иако таа смета дека има воспоставено цврста врска со Република Македонија, државата го одбила нејзиното барање.

Според УНХЦР од вкупно 605 лица бегалци од Косово, 154 се со „жолти картони“, а со одбиени барања за право на азил и со прекинат статус под субсидијарна заштита. 1/3 од вкупниот број на бегалци од Косово се деца.

Народниот правобранител се надева дека со новата влада многу работи ќе се променат меѓу кои и ингеренциите и овластувањата на Омбудсманот.

-Во ваквите случаи се чувствувам немоќен, властите не ми ги одобруваат препораките, проблемот е во непочитувањето на законот, вели Мемети.

Тој изјави дека ја има прочитано програмата на новата влада за што искоментира дека е амбициозна и надежна.