Friday, Mar 29, 2024
HomeUncategorizedМеј го покани Заев на самитот за Западен Балкан во Лондон

Меј го покани Заев на самитот за Западен Балкан во Лондон

Амбасадорот на Велика Британија во земјава, Чарлс Гарет на денешната средба на премиерот Зоран Заев му ја предал поканата од британската премиерка, Тереза Меј за самитот за Западен Балкан, што ќе се одржи во Лондон во јули следната година, а во рамките на Берлинскиот процес, соопшти владината прес-служба.

Меј во поканата наведува дека целта на самитот во Лондон е да се поддржат земјите од Западен Балкан во регионалната соработка и добрососедските односи, заложби договорени на самитот во Трст во јуни оваа година.

Фокусот на самитот во Лондон ќе биде ставен на меѓусебното поврзување на државите, енергетиката, дигитализацијата и претприемништвото, а во делот на безбедноста, на справувањето со корупцијата, организираниот криминал, движењето на луѓе и стоки, тероризмот и насилниот екстремизам.

Премиерот Заев на средбата со Гарет истакнал дека Македонија ќе даде активен придонес во сите важни прашања што ќе бидат тема на самитот.

На состанокот Заев и Гарет разговарале и за важноста на потребните внатрешни реформски процеси, посебно во делот на независноста на правосудството и владеењето на правото.