Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаМеѓаши: Сиромаштија и недостаток од родителска грижа главен проблем на децата

Меѓаши: Сиромаштија и недостаток од родителска грижа главен проблем на децата

За една година на СОС телефонот за деца и млади се јавиле 113 лица кои побарале помош или совет за проблемите со кои се соочуваат, од нив само две деца. Сиромаштијата е еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат децата и
нивните семејства, констатира детската амбасада „Меѓаши“ во извештајот за детските права во периодот декември 2014 – декември 2015 годинава.

Дури 36 деца од вкупниот број, кои се опфатени во случаите пријавени во Амбасадата, живеат на работ на егзистенцијата, во супстандардни услови. Втори по ред се бракоразводните постапки, односно 16 деца биле потенцијални жртви на прекршување на правата кога родителите се разведуваат. Потенцијални жртви на семејно насилство биле 11 деца, а на сексуална злоупотреба, три деца – стои во извештајот.

Од првата детска амбасада велат дека бројката е мала и неопходно е интензивно да се работи на охрабрување на децата и младите да се јавуваат за да се информираат или да пријават прекршување на некое од нивните права. Оваа година најголем проблем на дојавувачите е сиромаштијата. Борбата со беспарицата не им дозволува на родителите да поминуваат доволно време со своите деца.

На СОС телефонот одговара тим од педагози, психолози и социјални работници. Разговараат за потешкотиите со кои се соочуваат и им даваат совети на децата што живеат во дисфункционални семејства или биле злоупотребени на некаков начин. Тие имаат потреба да се чувствуваат заштитено, разбрано и прифатено. Да се научат да ги препознаваат своите чувства и да се охрабрат да зборуваат за нив, велат од „Меѓаши“.

Најголем број од децата-потенцијални жртви се на возраст од 6 до 14 години. Поголем е бројот на девојчиња кои пријавиле некаков вид на насилство, а загрижува и податокот, велат од „Меѓаши“ што голем број од оние што свртеле на СОС линијата, останале анонимни.

За 22 години од како постои СОС телефонот за деца и млади, досега се регистрирани 20.455 повици. СОС линијата е од јавен интерес и е бесплатна.