Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаМега рудникот Иловица темпирана еко бомба во Македонија

Мега рудникот Иловица темпирана еко бомба во Македонија

Компанијата „Еуромакс Рисорсис“ ја одржа првата јавна расправа за студијата за оцена на влијанието врз животната средина за предвидениот површински коп на рудникот за злато Иловица кој треба да ја преполови планината Огражден, веднаш над плодното Струмичко поле. Жестоката дебата изнесе бројни грижи за катастрофалните последици врз природата и здравјето на луѓето од страна на локалното население и активистите.

Toni_Ristov_-_Pres_konferencija_Rudnik_Ilovica_1

„Јас сум ужаснат и згрозен од глетката уште на самиот почеток од презентацијата. Господо од „Еуромакс“ веднаш сакам да ви упатам еден апел. 500 милиони долари повелете инвестирајте ги во земјоделието, туризмот, во други области кои ќе овозможат поголеми вработување и просперитет. Вашиот проект ќе донесе трајни последици на овој регион кој е најбогат со земјоделие. Не видовме ништо што се однесува на концентрациите на арсен и неопходни заштитни мерки. Должни сте да му кажете на ова население колку е опасен арсенот“, предупреди Тони Ристов портпарол на зелената опција ДОМ.

rudnik ilovica rasprava3

Питер Баур кој ги водел истражувањата за водите на проектот одговори: „Ние направивме повеќе истражувања за содржината на почвата кои започнаа уште во 2013-та, тие сè уште траат и ќе се спроведуваат во текот на проектот. Имаме програма за земање мостри од изворите, подземните дупки и бунарите. Примероците се земаат еднаш месечно и анализираат во целосно акредитирана лабораторија во Англија. Арсенот е природен елемент и секако е една од грижите во нашиот проект. Со копањето ќе има мало протекување, но нивото на арсен во карпите е многу ниско и имаме мерки за ублажување.

rudnik ilovica rasprava5

Еден од најзагрижените жители од село Штука е и дедо Ило кој имаше одлични поенти зошто рудникот може да биде опасен за локалното население кое е зависно од чиста почва за земјоделие, но и за здравјето на луѓето поучен од искуствата од минатото.

„Јас сум прост човек, најмногу сум бил козар. Ако падне голем дожд браните на рудникот и неговите валкани води знаете ли каде ќе отидат? Право на Самуилов двор и цело струмичко поле ќе биде загадено. Кој ќе го „пере“ тоа после, само ќе доаѓаат тука да сликаат, да бројат колку има умрени во Штука, колку луѓе се заболеле од рак“, посочи дедо Ило.

Една од најголемите грижи, забележува Ристов, е дека проектот сè уште не ги предвидува сите можни опасности, како што е можноста за прелевање на загадените води и како би се справиле на терен со потенцијални еко катастрофи.

„Господата од Еуромакс немаат план како да се соочат со арсенот. Исто така тврдат дека ќе има мало зголемување на арсенот што не е точно, тоа се енормни количини на загадување и тоа е научно истражено. Тоа мора да се знае“, реплицираше портпаролот на ДОМ.

rudnik ilovica rasprava4

Копањето на рудникот е предвидено за крајот на годинава со концесија за експлоатација од 23 години.