Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаМасовно труење на животни во Струга

Масовно труење на животни во Струга

Во екот на туристичката сезона, кога Струга е дестинација на бројни туристи од Македонија и од странство, масовно и на територија на целиот град се поставува отров при што беа затруени и се трујат бројни бездомни кучиња, мачки, птици, но и кучиња со сопственик кои своите кучиња ги изнесле на прошетка, реагираат од Здружението за заштита на животните, Анима Мунди.

„Улиците на Струга сведочат на масовен помор на животни, грозоморие и умоболие со кое ние граѓаните се соочуваме во 21 век. Дел од кучињата биле миленици на деца и им умирале пред очи. Нѐ контактираат мештаните, децата, но и туристите со згрозеност и неверување за ова што се случува, во шок и со тврдење дека сведочат на кошмар, дека никогаш повеќе нема да го посетат овој град.

truenje zivotni Struga2

„Потсетуваме уште еднаш дека поставувањето отрови е кривично дело за кое е предвидена затворска казна и до три години. Отровите кои се поставуваат кај нас се достапни буквално со секоја аптека (пример инсектицидот „Метомил” од 90 проценти е отров со кој може да се затруе половина град,а нашите аптеки го издаваат без никаква регистрација на купувачот, ниту пак го прашуваат за неговата намена!). Голем дел од овие отрови се забранети во ЕУ а кај нас се во широка продажба и со нив се извршуваат масовни убиства на животните“, се наведува во соопштението на Здружението.

Оттаму, прашуваат дали општина Струга презела некакви мерки за да ги заштити своите граѓани (и животните кои законот ги штити како свесни битија со кои хумано треба да се третира и кривично се казнува изживувањето врз нив).

„Дали општина Струга е запознаена дека на нејзина територија се расфрлаат најсмртоносни отрови при што се загрозува и човечкиот живот? Дали надлежните органи во општина Струга ( МВР, инспектори за животна средина) воопшто се запознаени какви кривични дела се вршат во нивната општина и дали презеле конкретни дејствија за решавање на истите?

Проблемот со бездомните животни е проблем кој се пролонгира со децении,а вината во тоа ја лоцираме во немањето институционална и политичка волја за решавање на проблемот.

truenje zivotni Struga3

Решението се состои во едукација на населението, регулација на одговорното сопствеништво (забрани и казни за неконтролирано размножување или напуштање миленик), масовна стерилизација на бездомните и силни кампањи за вдомување, а не со убивање! Животните се на улица, но не по своја вина, туку по вина на неодговорните граѓани кои кога ќе им здосадат ги исфрлаат на улица. Кои нелегално размножуваат и продаваат легла. Кои не ги стерилизраат милениците, па кога ќе им се окучат ги исфрлаат надвор“, велат од Анима Мунди.

Оттаму бараат Општината недвосмислено да го осуди овој чин и заедно со полицијата да покрене истрага.

– Прашуваме ќе се преземе ли нешто за да запре поморот во Струга, а убијците на животни да одговараат пред закон? – додаваат од Анима Мунди.