Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАСкопје„Марш за зелен Карпош“, блокада на крстосницата кај Сити мол во вторник

„Марш за зелен Карпош“, блокада на крстосницата кај Сити мол во вторник

Во вторник жителите на Карпош најавија дека во 18 часот ќе ја блокираат крстосницата кај Сити мол.

-Граѓаните од „Ние сме Карпош 4“, „Зелено Тафталиџе“ и другите засегнати жители сметаат дека е неопходно уште еднаш да се алармира за самоволието на локалната самоуправа на општината Карпош која на крајно нетранспарентен начин и со негрижа за интересот на граѓаните се обидува да интервенира во урбанистичкиот план во интерес на профитерскиот урбанизам. Тоа ќе се направи преку настан кој ќе биде со протестен дух и ќе се осврне на прашањата за зачувување на животната средина и граѓанското учество во одлуките на општината.
Настанот започнува во 18.30 часот, во вторник, со блокирање на раскрсницата кај Сити Мол. Од таму поворката по извесно време ќе се упати кон паркот на Букурешка. кој е под закана на уништување, каде ќе биде одржана отворена дискусија.

Барањата до градоначалникот на Општина Карпош, како нарачател на планот, и Советот на Општината, како орган кој ги носи одлуките за усвојување на деталните урбанистички планови остануваат:

1.стопирање на новите ДУПови (ДУП – Детален урбанистички план) за општина Карпош
2. спречување реализација на дел од ДУП за Градска четврт З 06, опфат помеѓу бул. Партизански одреди, ул. Московска, бул. Македонија и бул. 8ми Септември, поточно за ГП 5.44, со кој на местото на паркот на Букурешка ќе изникне зграда.
3. Суштинско интегрирање на граѓаните во одлуките кои влијаат на нивните секојдневни животи

Во овие политички околности е важно да не се заборави дека граѓаните мораат да останат будни. Мораме активно да се залагаме за учество во одлуките на општината и да ја примораме да работи во наш интерес. Карпош кој ние го знаеме ќе престане да постои доколку не се избориме за зеленилото, за чистиот воздух, за јавниот простор. Карпош е на граѓаните, а не на инвеститорите!

За будни граѓани!

За Зелен Карпош – стои во сопштение за настанот.