Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаМарковиќ – Заев: Пет средби за пет месеци, продолжува соработката за развој на регионот

Марковиќ – Заев: Пет средби за пет месеци, продолжува соработката за развој на регионот

Одличната комуникација меѓу Македонија и Црна Гора е пример за добрата билатерална соработка, изјави денеска во Скопје црногорскиот премиер Душан Марковиќ на заедничката прес-конференција со претседателот на македонската Влада, Зоран Заев.

– Ова е петта средба во измениве четири – пет месеци од Брисел, Трст, Подгорица, Драч и сега во Скопје. Применуваме нова практика за лидерите од Балканот на директни разговори и дијалог за доброто на сите – рече Марковиќ.

Марковиќ истакна дека на средбата со Заев ја потврдиле посветеноста на целиот Балкан за интеграција во Европската Унија и НАТО. Тој рече дека Црна Гора како најмлада членка на Северноатлантската алијанса силно ќе ги поддржи апсирациите на Македонија за членство во НАТО и ќе ги сподели искуствата од преговорите со ЕУ кои треба да помогнат за побрза интеграција.

Црногорскиот премиер најави серија билатерални договори и зачестени посети на високо ниво. Во тој контекст, рече дека во ноември министрите за одбрана и за надворешни работи на Црна Гора ќе допатуваат во Скопје.

Заев рече дека на средбата е разговарано за продлабочување на билатрелната соработка во областа на образованието, здравството, туризмот и технологиите, а најави и можост за воспоставување на директен лет од Скопје до Подгорица.

– По Трст и Драч покажуваме дека продолжува соработката за развој на регионот – рече Заев.