Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаМанчевски: Може грешам, ама го очекувам најлошото од ВМРО-ДПМНЕ

Манчевски: Може грешам, ама го очекувам најлошото од ВМРО-ДПМНЕ

Приоритетите на новата влада се поврзани со итните реформи, кои неколку години наназад се нотирани во европските извештаи, но и во извештаите за реформските приоритети за Македонија, изјави потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски во интервју за „Јуропиан Вестерн Балкан“, додавајќи дека тие се поврзани со владеењето на правото, човековите права и подобрување на животниот стандард на жителите на Македонија.

Манчевски вели дека ќе биде потребно време за да се нормализира ситуацијата во Македонија, бидејќи општеството е екстремно поделено, не толку многу по етничка колку што е по интраетничка основа. Сепак тој оценува дека евроинтеграциите мора да се забрзаат, особено и поради позитивните сигнали кои доаѓаат од Брисел.

Во поглед на односите со соседните земји, тој вели дека со Албанија немаа големи политички проблеми кои би можеле да бидат пречка за идните билатерални односи, но дека се Србија е потребно да се подобрат имајќи предвид дека политичката елита во предизборниот период во Србија ја користеше фразата „Македонско сценарио“.

– Тоа не создава добра атмосфера на почетокот на нашите односи. Можеби затоа што владата во Србија не ја очекуваше нашата победа тука, дека ќе можеме да формираме влада, што е нивна политичка грешка – вели Манчевски, додавајќи дека планираат да разговараат со српските власти за овие проблеми, за кои веруваат дека биле користени за изборни цели.

Потпретседателот на СДСМ не верува дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде конструктивна опозиција.

– Да бидам искрен, го очекувам најлошото од нив. Се надевам дека ќе ми докажат дека грешам, но генерално гледано, додека не спроведат внатрешни реформи, или барем да во сменат нивниот лидер Никола Груевски, не верувам дека постои основа ВМРО-ДПМНЕ да биде конструктивна партија за било кое прашање, па дури и кога станува збор за меѓународни прашања. Тие ќе се обидат да ги влошат нашите односи не само со Србија, туку и со Грција, Албанија, Бугарија, со сите – вели Манчевски.

Во однос на безбедносните предизвици, Манчевски вели дека одредени луѓе се обидуваат да ја поврзан својата политичка агенда со безбедносни прашања со цел да создадат атмосфера на страв и да го искористат тоа за сопствени цели.

– Во однос на „Голема Албанија“ сите имаме доволно искуство за да знаеме дека тоа се приказни за краткорочна политичка употреба. Иднината на регионот е во ЕУ и НАТО, особено на Македонија, можеби на не Србија, тоа е нивна одлука. Но, влезот во ЕУ и НАТО е од стратешки интерес на сите земји. Ако сме навистина посветени на тој пат, кој Македонија го запостави во последните неколку години, тогаш нема да има потреба за голема држава, затоа што сите ќе ја добиеме нашата најголема територија – ЕУ. Тоа е морковот кој сите држави во регионот мора да го имаат пред себе, да ги тера нивните влади да побрзаат на патот кон ЕУ – вели Манчевски, додавајќи дека не верува во заканата за менување на границите, но оти заканата од порастот на национализмот постои не само во регионот, туку и пошироко.