Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаМанчевски: Македонија не е во никаква опасност – Подготвени сме за сите сценарија на ВМРО ДПМНЕ

Манчевски: Македонија не е во никаква опасност – Подготвени сме за сите сценарија на ВМРО ДПМНЕ

Консултациите помeѓу партиите кои му дадоа мандат на лидерот на СДСМ, Зоран Заев се во тек за избор на претседател на Собранието, изјави потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски вчера во вестите на телевизија 24. Тој рече дека нaјдоцна до вторник ќе се знае името на спикерот.

„За нас Тиранска платформа не постои, не постои повеќе ни програма на СДСМ, постои предлог програма за Влада. Македонија воопшто не е во никаква опасност. Не е опасност Уставот и унитарниот карактер“ – вели Манчевски.

Тој објасни дека нема да има казни за незнаење на албански јазик и нема да има двојазичност на цела територија на Македонија. Додаде дека сето ова беше само дел од црната кампања на ВМРО-ДПМНЕ. Прашан дали е можно одолговлекување на седницата на Собранието, тој вели дека со ВМРО-ДПМНЕ е се можно.

– Подготвени сме на сè и подготвен сме да ги пресретнеме сите тие мрачни сценарија да не се случат. Се надевам дека разумот ќе надвладе и кај нив и ќе дозволат она што е основен демократски принцип, мнозинството во Собранието да може да ја формира владата. Верувам дека нашите граѓани ќе бидат доволно силни, мудри и спокојни да ова го направиме на мирен начин – вели Манчевски.

Манчевски вели дека СДСМ заедно со другите партнери се подготвени и во случај претседателот Ѓорге Иванов да не се премисли и повторно да одбие да го даде мандатот на Заев за состав на влада.

– И ова е едно сценарио кое што лебди во воздухот подолг временски период. Ние како СДСМ и заедно со другите партнери сме подготвени за ова сценарио. Сепак, она што ќе го каже Иванов и неговиот ментор Груевски воопшто не значи дека тоа е така. Се што кажаа во претходните две години испадна обратно – вели потпретседателот на СДСМ.

За тоа дали СДСМ, како и ВМРО-ДПМНЕ, ќе испорача некакви барања до еврокомесарот за проширување и добрососедска политика, Јоханес Хан, кој во вторник доаѓа во Македонија, Манчевски вели дека тие како партија нема да кажат ништо што досега не го кажале.