Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаМакпетрол не е безвреден, туку економски „бисер“ по кој лови БП

Макпетрол не е безвреден, туку економски „бисер“ по кој лови БП

Зошто токму сега, анонимна офшор-компанија основана пред неполни три месеци со влог од само 1000 евра, сака да ја преземе најголемата и најстарата македонска нафтена компанија? „Инвеститорите“ од „Балкан Петролеум“ се обидуваат Макпетрол во јавноста да го претстават како загубар, но официјалните резултати од работењето на компанијата ги демантираат.

Лани, Макпетрол прикажа добивка по оданочување од над 13 милиони денари, додека во првиот квартал од годинава, резултатите се уште подобри – добивката изнесува 44,2 милиони денари. Компанијата во изминатиот период ги засили сите сегменти од своето работење, го зголеми пазарниот удел и ја намали кредитната изложеност. И пред полугодишниот извештај за работата на Макпетрол, кој исто така се најавува дека ќе биде позитивен, јасно е дека нафтениот гигант стои на цврсти нозе.

Влегувањето на сомнителните бизнисмени од БХПЛ во Макпетрол, од една страна, би значел дека тие само ќе го „соберат кајмакот“ од работењето на компанијата, која има водечка позиција на пазарот. Од друга страна, со ова може да изгубат сите македонски граѓани – државата да стане енергетски зависна од сомнителни странски канали, а профитите, наместо да останат во земјава, да се одлеваат во непознат правец, низ офшор-лавиринтите на руско-украинско-израелските „инвеститори“.  Но, уште позагрижувачко е второто можно сценарио – „инвеститорите“ од БПХЛ да ја распарчат и затворат компанијата (како што тоа го сториле со романската рафинерија „Рафо“), а акционерите и вработените во Макпетрол да останат без ништо. Ако се има предвид големината на Макпетрол и неговото значење за македонската економија, ваквиот исход би бил погубен за целото стопанство, а потресот би предизвикал последици не само во земјава, туку и во регионот.

Уште од почетокот на целиот случај со Макпетрол, аналитичарите се едногласни дека клучна улога имаат македонските институции, чија задача е да го заштитат домашното стопанство од сомнителниот капитал од странство. Но, институциите и натаму ги игнорираат не само повиците на експертите, туку и прашањата на европските енергетски власти околу овој случај. За сомнежите за легитимноста на „инвеститорите“ од БХПЛ и за потеклото на нивните пари се заинтересира и Европската енергетска заедница со седиште во Виена, која пред еден месец испрати писмо со прашања за целиот случај до македонските власти. Институциите не комуницираат со ЕЕЗ и не одговараат на писмото. Ова деновиве е повод за нова конфронтација меѓу Владата и оваа важна организација, која може да воведе санкции и да ги запре европските фондови за енергетски проекти во Македонија.

Извор: lokalno.mk