HomeДЕНЕШНАЕкономијаМакпетрол е несопирлив, добивка од пет милиони евра во првите девет месеци од 2016

Макпетрол е несопирлив, добивка од пет милиони евра во првите девет месеци од 2016

makpetrol logo

Нафтената компанија Макпетрол соопшти дека во првите девет месеци од годинава остварила добивка по оданочување од над 4.7 милиони евра (292 милиони денари), што претставува продолжување на одличните резултати на компанијата во 2016 година. Во исто време, Макпетрол ја подобрил малопродажбата на енергенси за 10 проценти, а книговодствената вредност на акцијата е зголемена на 542 евра. Остварувањето на финансискиот план е надминато за 62 проценти.

Овие резултати се уште една потврда дека тврдењата на луѓето од „Балкан Петролеум Холдинг Лимитед“ дека Макпетрол е компанија-загубар, паѓаат во вода. Се покажува и колку нереална била понудата на „БПХЛ“ – сомнителната офшор-компанија годинава се обиде да го преземе контролниот пакет акции во Макпетрол за нешто помалку од 24 милиони евра, а нафтениот гигант прави добивка од пет милиони евра за помалку од една година!

Подобрената продажба на енергенси на мало годинава го зголеми и пазарниот удел на компанијата, а компанијата соопшти дека во 2016 година продала за 16.000 тони деривати повеќе отколку во истиот период лани. Во исто време, Макпетрол ги намалил расходите од камати и од курсни разлики за 24 проценти, како резултат на задржувањето на трендот на намалување на кредитната задолженост спрема банките. Во овој период, компанијата имала зголемени приходи од вложувања, камати и од курсни разлики во однос на минатата година за 57 проценти, како и зголемени приходи од промет со останати стоки за 15 проценти и зголемена маржа од промет со стоките од 20 проценти, доминантно на бензинските станици. Трошоците за суровини и на други материјали се намалиле за 65 проценти.

Со оглед на завидните резултати годинава, се создаваат услови за исплата на дивиденда за акционерите на крајот на годината. Компанијата во изминатиот период презеде нова, ефикасна маркетинг стратегија, прими нови 89 вработени и вложи преку три милиони евра во изградба на нови бензински станици и реконструкција на постојните. Во изминатиот деветмесечен период, Макпетрол редовно и уредно ги исплаќаше платите и придонесите за над 1800 свои вработени, како и сите давачки кон државата. Лани, вкупните давачки на компанијата кон државата изнесуваа над 174 милиони евра.

Од прикажаните резултати, јасно е дека Макпетрол е компанија која работи со профит и има одлични перспективи. Позитивните резултати доаѓаат во годината во која компанијата паралелно со предизвиците на пазарот и растечката конкуренција, се соочи со обидот за преземање од страна на „Балкан Петролеум“ – случај во кој сè уште има многу нејаснотии и сомнителни околности, а акционерите се изложени на неизвесност и страв за иднината. Сепак, консолидацијата на компанијата и нејзините последни, одлични резултати се најава дека Макпетрол продолжува да работи успешно и покрај големите предизвици.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com