Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаМакфакс: Печатите на ДИК никогаш не биле украдени, зошто Бонева измисли скандал?

Макфакс: Печатите на ДИК никогаш не биле украдени, зошто Бонева измисли скандал?

Во октомври лани, Силвана Бонева, членка на Државната изборна комисија (ДИК) од ВМРО ДПМНЕ прва го откри наводниот скандал дека недостасуваат печати во депото на комисијата сместено во касарната Илинден. Тоа се печати на кои е напишан бројот на гласачкото место, а се удираат на гласачките ливчиња. Тоа значи дека колку гласачки места има во одредена општина има толку и печати.

Членовите на власта во Изборната комисија на почетокот тврдеа дека недостасуваат сите 45 печати од гласачките места во Бутел. Потоа дека снемало и печати од Сопиште, Брвеница, Липково и уште неколку општини. Иако со овој наводен скандал се крена фама во предизборието и се предизвика конфронтација меѓу членовите во ДИК, на релација опозиција – власта, сепак случајот останува незавршен и некомплетно истражен од институциите – пишува Макфакс.

Со оглед дека оваа сторија ќе докаже дека печатите од ДИК воопшто не исчезнале, туку сето тоа било инстант измислица, логично е прашањето кому и зошто му требаше лагата со печатите и каков интерес кријат партиите од власта?

КОМИСИЈАТА ЗА ПОПИС ЈА ВОДЕЛ ВОЗАЧОТ НА СУБХИ ЈАКУПИ
Изборниот материјал, како и печатите на ДИК од сите избирачки места во сите општини се под воена заштита во касарната Илинден, во објектот кај армиските Ренџери. Таму безбедноста е голема- прво легитимираат и проверуваат на главниот влез, а потоа имало уште една контрола пред самиот објект во кој се сместувале материјалите, кутиите за гласање и печатите по завршување на изборите, се до наредните.

Извори од ДИК информираат дека од 2001-та до 2016-та таму неограничен пристап имало едно лице, Љупчо Стружанчев, одговорен за депото, инаку вработен во Собранието на РМ, кој на сите избори бил во помошното тело на ДИК задолжено за безбедноста на изборниот материјал. Тој имал и посебни овластувања и соработка со воената полиција, односно можност кога сака да влезе во магацинот со изборни материјали. Тој практично беше првиот и единствениот што настрада откако членовите на ВМРО ДПМНЕ и на ДУИ во ДИК искреираа лажна афера дека му недостасуваат печати.

По неколку месеци од завршување на изборите Макфакс истражуваше и преку вработени во ДИК ги пронајде извештајот на Комисијата формирана од ДИК која направила попис и наводно констатирала дека недостасуваат печатите, записниците за примопредавање на избирачкиот материјал и писмото кое Стружанчев го има испратено до претседателот на ДИК, Александар Чичаковски.

Целата документација потврдува дека печатите не се украдени и се кај ДИК, но ако е така зошто ДИК, или истражните органи како Јавното обвинителство не покренат постапка за пласирањето на лажната афера и зошто не се утврди кому му беше неопходна промена на одговорната функција во депото, онаа на Струженчев?
slika-eden
Комисијата за попис во депото имала четворица членови, претседател бил Вели Абдија, возач на членот на ДИК, Субхи Јакупи, а други двајца биле вработени во ДИК со договор на дело. Нивниот увид во магацинот е направен без присуство на овластениот Струженчев. Откако избројале се што имале на увид членовите на комисијата за попис во извештајот утврдиле дека недостасуваат печати од неколку општини, некаде по еден до два, некаде сите комплет.

Е сега, како е можно комисијата да утврдила дека недостасуваат печатите, ДИК да расправа за тоа, Стружанчев да биде отстранет, а при тоа фактичката состојба укажува дека сепак печатите се тука? И пострашното- зошто ништо не се презема понатаму, дали против членовите на комисијата или против членовите на ДИК кои имаа став дека печатите се украдени и тоа го пласираа во јавноста?

ПЕЧАТИТЕ СЕ ВО ДИК, А ПОПИСНАТА КОМИСИЈА ГИ БАРАЛА ВО ДЕПОТО
Дали намерно или од незнаење Комисијата за попис самата направила грешки при броењето и при споредување на материјалите, доколку воопшто го правела тоа, а требала да го прави.

Имено, од општина Бутел навистина ги немало сите 45 печати колку што има гласачки места во оваа скопска општина. Тоа и го заклучила комисијата во извештајот. Но, ако сакала, а можела и требала, комисијата да го провери Записникот за примопредавање на избирачкиот материјал потпишан по завршување на претходните избори, оние во 2014-та. Во него се наведува дека општинската изборна комисија од Бутел на одговорното лице од депото на ДИК му доставува 110 гласачки кутии, но дека сите 45 печати се предадени во ДИК заедно со резултатите од гласањето.
slika-dva
На записникот, како потврда дека печатите се предадени во ДИК наместо во депото, се потпишани двајца членови на општинската изборна комисија. Ова значи дека комисијата за попис иницирана од Бонева и Јакупи требала да го има записникот на увид, а може и го имала, за да знае дека не може во извештајот да нотира дека недостасуваат печатите во Бутел, уште повеќе ако се знае дека записникот уште во 2014-та е предаден во ДИК.
Слично е и со печатите од општинската изборна комисија во Пласница.

Комисијата за попис утврдила дека сите девет печати недостасуваат, иако во Записникот за примопредавање јасно е нотирано дека по завршување на изборите во 2014-та изборната комисија во Пласница ги предала печатите во подрачното одделение на ДИК.

Ако и за ова ДИК била известена и знаела дека печатите се во кичевската комисија, а не во депото како и зошто дозволила Комисијата за попис товарот да го стави врз Стружанчев и тој да биде повлечен од одговорната функција во депото?
slika-tri
Понатаму, што се однесува до печатите од општина Липково, Комисијата за попис во извештајот запишала дека пронашла 30 и дека недостасуваат шест печати. Но, како е утврдена бројката од 30 не сака да зборува никој. Фактите покажуваат друго.

Имено, освен што печатите се бројат еден по еден, со секој печат се удира отисок на таканаречен контролен лист. Тоа го правела и комисијата. Во случајот со Липково на тој контролен лист удрени се сите 36 печати од самата Комисија за попис и сите 36 се од различно гласачко место. Тогаш зошто членовите на комисијата во извештајот запишале дека има 30, кога удриле печат со сите 36? Дополнително, од записникот за примопредавање на избирачките материјали јасно се гледа дека општинската изборна комисија за Липково предала во депото 88 гласачки кутии и 36 печати.
slika-4
Комисијата во обид да докаже дека недостасуваат печати во депото запишала во извештајот дека еден печат недостасува во општина Сопиште. Но, и тука погрешиле или намерно измислиле за да се креира скандалот? Комисијата можела само да погледне во записникот за примопредавање на избирачките материјали за оваа општина и лесно да заклучи дека уште во 2014-тата, по завршување на изборите, е нотирано дека општинската изборна комисија во Сопиште предала 13 печати и дека 14-тиот, за гласачко место 2420, недостасува. Тој записник е доставен уште пред две години во ДИК што значи главната комисија знаеле дека е пријавен печатот што недостасува уште две години пред пописот и Комисијата за попис не смеела да евидентира дека е украден.
slika-5
Недоследност во броењето или во штимањето на вкупниот број печати е направено и со печатите во Крива Паланка и во Гостивар. Имено, општинската комисија за Крива Паланка има 47 печати, но Комисијата за попис запишала дека еден недостасува и дека има 46, додека кај Гостивар иако има 121 избирачко место, пописната комисија навела во извештајот дека има 122 печати, еден повеќе. Проверката на документите покажува дека едниот помалку од Крива Паланка е удрен на контролниот лист за Гостивар, од избирачко место 0944 и така настанал пропустот. Но комсијата за попис не може да подготви извештај ако прави вакви технички грешки.

Според извештајот на пописната комисија вишок на печати се појавиле и во Ѓорче Петров па завеле дека се избројани 58, иако таа општина има 53 избирачки места. Ова останува целосно нејасно како е можно?

ВОЗАЧОТ СТАНА ЧУВАР НА ИЗБИРАЧКИОТ МАТЕРИЈАЛ
И така, намерните или ненамерните грешки на пописната комисија, членовите на власта во ДИК го искористија да пласираат лажна кражба на печатите во ДИК, особено упорна беше Бонева. Дали нејзината цел била само од таму да се отстрани долгогодишниот „чувар“ на изборниот материјал Љупчо Стружанчев, иако знаеле дека нема ниту кражба, ниту дека недостасуваат печати? Како и да е, на неговото место, после 15 години и промена на неколку претседатели на ДИК, за одоворен во депото беше поставен токму возачот на Јакупи, или претседателот на пописната комисија, Вели Абдија.

Освен одговорниот, во моментов Абдија, во тоа истурено тело на ДИК, задолжено за чување и складирање на избирачкиот материјал, како и негова дистрибуција до гласачките места, се ангажираат 30-тина лица, поголем дел од Собрание. Обично тие имаат ангажман месец до месец и половина, околу изборите. Ако власта знаела дека печатите се тука, дека аферата е намерно креирана, тогаш дали само смената на Стружанчев и поставувањето на Абдија била целта на скандалот? Оти друго не произлегува од овој случај како заклучок. Ако таму е поставен партиски човек од доверба тогаш мора да се провери, преку официјална истрага, кој е нивниот интерес, дали е финансиски или е битка за влијание?

Во обид да дознаеме повеќе зборувавме со Стружанчев кој очекува конечно надлжените органи како Јавното обвинителство, Специјалното јавно обвинителство и воената полиција да се активираат и да откријат кому и за што му послужи лажната афера.

„Јас сум категоричен и ќе повторам дека сите печати се тука. Никој ниту упаднал во депото, ниту пак недостасува печат. За тие кои ги нема, ДИК знае уште многу одамна. Постои цела документација за избирачкиот материјал и јас се надевам дека нема да останам единствениот „виновник“ во случајот, туку дека ќе се открие зошто беше ова направено и по чиј налог.

Како капак на сè, или како потврда дека комисијата за попис ја утнала работата и измислила скандал е фактот дека ДИК не го прифаќа извештајот на Комисијата за попис, па дури се споменува дека треба да се спроведе нов. Членот на ДИК, Јакупи изјави дека не може да се сети дали извештајот на комисијата за попис е прифатен или не, но знае дека таа точка била тргната од јавна седница на ДИК и ставена да се расправа во работна група.

„Јас лично не сум вмешан во овој скандал. Знам дека Бонева беше упорна во пласирањето на информациите и дека таа се конфронтираше со членот Виолета Дума. Смената на Стружанчев е направена затоа што тој доаѓа од Собранието, а Абдија, новиот, е вработен во ДИК, па сметавме дека така е подобро и за нас како комисија, но и лично за Стружанчев за да ја нема на грб таквата одговорност. Ни на крај памет не ми било да го оцрнам него затоа што одамна имаме коректна соработка. Но ете, испадна дека тој е сменет, а целиот случај остана неразјаснет“ – коментира Јакупи.

Дали извештајот е прифатен и дали писмото на кое Стружанчев му го испратил на претседателот на ДИК, го има премислено Чичаковски да не покажува инетерес за случајот. Во писмото, според извори од ДИК, се наведува, освен фактите за печатите, дека пописната комисија во извештајот навела дека во просториите во касарната се чуваат и гласачки ливчиња од изборите во 2013-та, избори за кои Специјалното јавно обвинителство има отворено истрага, но тоа не може да е точно затоа што тогаш имаше локални избори, а тие материјали се чуваат во единиците на локалните самоуправи, а не во магацинот во касарната. Исто така пописната комисија навела дека има 73 кутии со избирачки списоци од парламентарните и претседателските избори во 2014-та, но не допишала дека се затворени со нумерирани сигурносни ленти.

Чичаковски, пак, изјави дека овој случај е практично затворен. Потврдува дека немало кражба на печатите, а смената на Стружанчев ја објаснува со потребите на Специјалното јавно обвинителство и Јавното обвинителство. „Нам ни е подобро магацинот во касарната да го управуваат вработени во ДИК, а не лица од надвор, како претходникот од Собрание затоа што вака нашите вработени ќе имаат овластување да постапуваат по наредби и барања на СЈО, доколку се појави потреба.

Многу прашања ќе останат неодговорени за овој наводен скандал затоа што тие што ги знаат одговорите сигурно знаат зошто беше неопходна промената на „чуварот“ на гласачкиот материјал. Но, тешко дека би признале.