Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаМакедонците во Албанија наместо со Еди Рама, во коалиција со Илир Мета

Македонците во Албанија наместо со Еди Рама, во коалиција со Илир Мета

Извршниот комитет на партијата Македонска алијанса за европска интеграција во Албанија (МАЕИ) донесе одлука за наредните парламентарни избори во Албанија, кои треба да се одржат на 18 јуни годинава, да коалицира со Движењето за социјалистичка интеграција на Илир Мета.

Откако Илир Мета се откажа од партиската лидерска позиција, по изборот за претседател на Република Албанија, сега Движењето за социјалистичка интеграција привремено го води Петрит Васили.

Досега МАЕИ беше во коалиција со Социјалистичката партија, предводена од премиерот Еди Рама.

Васил Стерјовски, генерален секретар на МАЕИ, на заедничката листа за пратеници во парламентот на Република Албанија, ќе биде кандидат во изборната единица за Корча, известува весникот на македонски јазик „Илинден“ на својата веб-страница.

Претседателот на Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, Никола Ѓурѓај денеска ја поздрави одлуката на МАЕИ и додаде дека македонскиот политички фактор во Албанија одбива соработка со Еди Рама и со неговата Социјалистичка партија, поради национализмот и навредувачкиот однос кон Република Македонија. Тој додава дека дополнителна причина да му свртат грб на Рама е и тоа што Социјалистичката партија не го одржала ветеното, дека нема да згаснат општините со припадници на малцинствата, па ги „избриша“ општините во Голо Брдо и во Гора.

– Со тоа направија чекор назад во однос на правата и на еднаквоста, така што Македонците во Албанија се разочарани од односот на оваа партија – појаснува претседателот на Македонското друштво „Илинден“.

Ѓурѓај додава дека МАЕИ и „Илинден“ веќе и официјално го поздравиле изборот на Илир Мета за претседател на Република Албанија и дека ќе соработуваат со неговата партија Движење за социјалистичка интеграција (ДСИ), која привремено ја води Петрит Васили.

– Движењето за социјалистичка интеграција на дело има покажано дека не е партија со националистичка реторика. МАЕИ, како партија на Македонците во Република Албанија, треба да коалицира со ДСИ бидеќи Социјалистичката партија на Еди Рама навлезе во националистички реторики и во навредувачки однос за нас Маедонците во Албанија, како и за нашата матична татковина, Република Македонија – додава Ѓурѓај.