Friday, Apr 19, 2024
HomeАНТИСТРЕСЖуркиМакедонскиот Егзит ќе го „тресе“ Делчево по петти пат

Македонскиот Егзит ќе го „тресе“ Делчево по петти пат

Делчевскиот фестивал „До Зора“ е настан кој ги следи светските трендови на забавна електронска музика, а годинава на 30.јули ќе се одржи по петти пат, каде повторно и со нетрпение ќе се соберат илјадници млади, како од регионот така и пошироко.  По примерот на светските фестивали од типот на ОЗОРА , „Бурнинг мен“, ЕГЗИТ и други… кои од идеја прераснале во вистински музички настани надалеку прочуени,  целта е фестивалот преку промовирање на ваков вид на музика кај младите, да прерасне во голем интернационален фестивал.

Главни виновници за да се роди идејата за овој фестивал, биле локалните кафулиња и дискотеки кои како подзаборавени во времето на својот репертоар за забава имале да понудат само српско (ex-yu)/бугарски (чалги) и некои стари странски хитови правени уште во деведесеттите.

-„За да се оттргнеме од страшната монотонија која траеше со години, се договоривме да пробаме да најдеме алтернативен вид на забава, во природа. Сите дававме предлози во врска со тоа и како најдобра ни се виде идејата да се направи фестивал како О-З-О-Р-А, фестивал на транс музика којшто се организира во близината на селото ОЗОРА во Унгарија“, вели Димитар Димитровски, еден од организаторите на настанот.

do zora 2

Оваа нивна идеја за прв пат се претворила во настан на 12.07.2012 година во с.Стар Истевник, во непосредна близина на  Делчево. На овој настан присуствувале само неколку поблиски пријатели, но како што велат, добрите вести брзо се шират и истата вечер се собрале околу 40 млади луѓе кои избегале од старата шема и дошле да видат што има да се понуди.

-„Музика пуштавме од еден мал засилувач за звук (појачало за гитара) и лаптоп. Бидејќи на сите што присуствуваа им се допадна нашата идеја, решивме уште истата година, наредниот месец, за празникот Илинден,  да организираме уште еден настан, на кој што пристапивме малку посериозно и го промовиравме во локалните кафулиња. Веќе на вториот настан имаше околу 140 присутни млади само од Делчево и свативме дека оваа наша идеја има потенцијал да успее“.

do zora3

Веќе наредните две години, на настанот му претходела солидна организација. Доброто озвучување, настапот на диџеи, збогатена програма со артисти и акробати, промоција преку социјалните мрежи, сето тоа придонело фестивалот од година во година да прерасне во доста сериозен настан. Голема поддршка добиле и од Градоначалникот на Делчево, Општина Делчево и од неколку сопственици/менаџери на приватни фирми кои со финансиска и материјална помош допринеле за овој настан.

– „Од собраното искуство од претходните години, „ДО ЗОРА“ фестивалот во 2015 година, претрпе неколку измени. Една од најголемите промени беше промената на локацијата на настанот, односно од с. Стар Истевник во непосредна близина на градот Делчево, да биде преместен кај местото викано „Кулата“. Исто така имаше промени и во самата организација, со тоа што беа вклучени поголем број на волонтери, млади од Општина Делчево кои со својот труд и идеи значително допринесоа за подготовката на теренот, изработка на декор за украсување, конструкција на бината и сл. Бројката на гости и посетители оваа година беше значително поголема во однос на претходната (600-700)“, вели Димитровски.

Фестивалот секоја година распишува конкурс за волонтери кои ќе помогнат за подоброто организирање на самиот настан и за негов поголем успех. Освен од Делчево и повеќе градови на Македонијаа, оваа година заинтересираност има  и од соседна Србија.

Една од целите на фестивалот е да промовира млади и талентирани музичари, уметници и артисти од градот Делчево и од другите градови во Македонија, давајќи им шанса на ваков поголем фестивал да соберат искуство за понатамошната кариера. Покрај артистите (DJ-и) фестивалот вклучува учество на уметници од областа на ликовната уметност, рачна изработка на накит , музички бендови, акробати, магионичари и професионални танчери. Освен тоа, со добрата организација, да се овозможи промоција на градот, посетителите  да уживаат во неговата севкупна понуда и во најдобар случај да одлучат да се вратат повторно.>

-„Во програмата на овогодишниот фестивал решивме да вклучиме 8 диџеи, од кои двајца се од Делчево, а другите се од различни градови од Македонија се со цел да може да се привлечат посетители од цела Македонија, бенд кој ќе го отвори фестивалот, а за чуството да биде комплетно во текот на фестивалот ќе има настапи на најразлични артисти од пантомимичари до фрлачи на оган, жонглери итн.“

Како ѕвезди на вечерта ќе настапат: Yudhisthira, Cosmic Dimension, Oniro, Try2fly и уште неколку други кои засега не сакаат да ги откријат.

-„Како за крај можеме слободно да кажеме дека „ДО ЗОРА“ фестивалот од година во година расте и станува се подобро организиран и по посетен. Доказ за тоа се и пофалбите што ги добивме од сите инволвирани и неинволвирани страни“, вели Димитар Димитровски, еден од организаторите на фестивалот.