Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАСветМакедонски азилант уапсен во Мајнхајм откако повредил двајца полицајци

Македонски азилант уапсен во Мајнхајм откако повредил двајца полицајци

Барател на азил со македонски пасош бил приведен денеска од полициска екипа во градот Мајнхајм во покраината Северна Рајна Вестфалија откако соседите пријавиле нарушување на јавен ред и мир, јавува дописникот на МИА од Берлин.

Според извори од полицијата во Мајхнајм, инцидентот се случил откако било пријавено дека 39 годишен барател на азил од Македонија нападнал две жени. Во обидот на полицијата напаѓачот да биде спречен во својата намера еден од членовите на полициската патрола се здобил со сериозни повреди по удар со тупаница од приведениот, а еден полицаец поминал со полесни повреди.

Причината за инцидентот биле тензиите меѓу семејствата на напаѓачот и на двете жени кои биле нападнати. За време на интервенцијата приведениот постојано им се заканувал на полициските службеници за што покрај за нанесување телесни повреди најверојатно ќе добие дополнителна кривична пријава за закани кон службено лице.

Сите учесници во инцидентот чекаат одлука на германските имиграциски власти дали нивните барања за азил ќе бидат одобрени, но согласно новите правила напаѓачот може по кратка постапка да биде вратен во матичната земја.

Барателите на азил од Македонија, Албанија, Косово, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора во Германија се сметаат за граѓани на т.н „безбедни земји“ и освен ако немаат посебни причини за добивање на заштита најчесто по завршување на процедурата за азил се депортираат во матичните земји.