Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаМакедонската стока со еден документ ќе патува во 34 земји

Македонската стока со еден документ ќе патува во 34 земји

Македонските извозни компании од денеска ќе може само со еден транзитен документ да се движат низ 34 земји ЕУ, ЕФТА и Турција. Ова го овозможува пристапувањето на Република Македонија кон Конвенцијата за заедничка транзитна постапка и Конвенцијата за поедноставување на формалностите при трговија со стоки, со што Македонија станува и чекор поблиску кон интеграцијата во Европската унија.

Конвенциите, како што беше посочено на денешната прес-конференција во Царинската управа на Република Македонија, обезбедуваат единствено движење на стоката во рамки на земјите членки од една влезна точка до местото на завршување на транзитната постапка, без разлика на тоа низ колку држави и гранички премини стоката треба да транзитира. Како што појасни директорката на Царинската управа Наташа Радеска Крстевска електронската транзитна декларација со која е започната транзитната постапка во која било земја членка на Конвенцијата е прифатлива за сите земји членки.
kamioni
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на прес-конференцијата во Царината истакна дека Конвенцијата значи побрз проток на стоката што позитивно ќе влијае на конкуреноста на македонската економија и трговската размена со земјите членки на оваа Конвенција. Тој појасни дека за компаниите ова значи намалување на времетраењето на чекање на границата, намалени трошоци од аспект на превозот на стоката и времето и олеснување на постапката.

Верува дека македонските компании ќе ја искористат оваа можност и ќе се вклучат активно во користењето на заедничката тарнзитна постпака. Тој додаде дека Македонија е прва земја од земјите во Западен Балкан која пристапува кон Конвенцијата во која пристап имаат 34 земји, односно 28-те земји членки на ЕУ, членките на ЕФТА – Исланд, Норвешка, Лихтенштајн и Швајцарија и Турција.

Посочи дека Македонија конечно по долги години труд и макотрпна работа стана членка и оти со тоа од денес Македонија е на чекор поблиску кон интеграцијата во ЕУ. Пристапувањето кон заедничкиот транзитен систем значи усогласување на законодавството, обука на цариниците и економските оператори, како и развивање на софтвер кој ќе може да се поврзе со сите земји членки на Конвенцијата, а кој е развиен со три милиони евра финансиска поддршка од ЕУ преку програмата ИПА 2008 и 0,5 милиони евра учество на Владата на Република Македонија.