Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаМакедонија не учествува на Евровизија 2018 поради долговите на МТВ кон ЕБУ

Македонија не учествува на Евровизија 2018 поради долговите на МТВ кон ЕБУ

По минатонеделната објава дека Македонија поради долгови не може да учествува на изборот на песна на „Евровизија 2018“, од ЕБУ (Европската радиодифузна унија) за „ЕСЦ Тудеј“, велат дека се надеваат дека ќе најдат заедничко решение со МРТ, пишува „Мета“.

– Се разбира дека се надеваме дека може да се најде решение за МРТ да може да биде вклучена во натпреварот за песна за „Евровизија“ во 2018 година. За да го постигнеме ова работиме заедно со МРТ и РТП (Португалската радио-телевизија). Доколку најдеме решение ЕБУ ќе информира во догледно време – вели Џон Ола Санд, извршниот супервизор на ЕБУ.

Вчера Португалската радио-телевизија и ЕБУ објавија листа на учесници на Изборот за песна на „Евровизија“ 2018, на која ја нема Македонија.

На официјалната веб-страница на „Евровизија“ има листа на 42 земји учесници на овогодинешниот избор кои се потврдени од ЕБУ на која ја нема Македонија.

Под листата пишува дека промената од изборот во 2017 година е што Русија повторно ќе учествува, а Македонија нема.

ЕБУ минатата недела соопшти дека „Македонската радио-телевизија“ моментално е оневозможена да учествува на Изборот за песна на „Евровизија“ 2018 поради санкција за неплатен долг.

МРТ по ова испрати соопштение во кое ги наведе своите долгови кон различни доверители, кои изнесуваат 19,5 милиони евра, но порача и дека враќањето на долговите и нормалното работење на куќата се попречени од долгот на Управата за јавни приходи (УЈП) кон МРТ кој изнесува 34 милиони евра.

Во поглед на долгот и проблемите со Европската радиодифузна унија (ЕБУ), МРТ сега должи малку повеќе од еден милион евра, но според соопштението, била одржана средба меѓу двете тела при што било решено да се укинат сите санкции за МРТ и сите услуги на ЕБУ се сега достапни на македонскиот јавен радиодифузер.

Изборот за песна на „Евровизија“ 2018 ќе се одржи на 8, 10 и 12 мај во Лисабон, Португалија.