Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАСкопјеМакедонија ќе добие „Олимписка куќа“, распишан нов конкурс за архитектонско решение

Македонија ќе добие „Олимписка куќа“, распишан нов конкурс за архитектонско решение

Македонскиот олимписки комитет (МОК) објави повторен (вториот по ред) конкурс за избор на идејно-архитектонско решение за изградба на „Олимписка куќа“ во Скопје.

Станува збор за проект кој вклучува изведба на административно-деловен објект, со музеј и одделен клуб-ресторан во склоп на идното здание. Архитектите и заинтересираните бироа треба да исполнат десетина критериуми, објавени на веб страницата на МОК, а кои претставуваат почетна точка при оценувањето на авторските творби од страна на оформената жири-комисија.

Распишаниот конкурс е отворен за аплицирање до 21 октомври, како краен датум до кога авторите треба да ги достават своите трудови до Македонскиот олимписки комитет. Жири-комисијата на најуспешното архитектонско дело ќе му додели прва награда во износ од 100.000 денари, авторот на второ наградениот труд ќе се стекне со 60.000 денари, додека третата награда е предвидено да изнесува 30.000 денари.