Tuesday, Apr 16, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаМакедонија и Италија потпишаа договор за екстрадиција

Македонија и Италија потпишаа договор за екстрадиција

Македонија и Италија од денеска имаат дополнителни билатерални договори кон европските Конвенции за меѓусебна правна помош во кривичните предмети и за екстрадиција. Министрите за правда на двете земји Валдет Џафери и Андреа Орландо денеска во Скопје ги потпишаа дополнителните билатерални договори меѓу Република Македонија и Република Италија кон Европската конвенција за меѓусебна правна помош во кривичната материја од 20 април 1959 година и кон Европската конвенција за екстрадиција од 13 декември 1957 година.

– Во функција на подобрување на односите меѓу Македонија и Италија и надминување на проблемите што се јавуваат во областа на меѓународната правна помош во кривичната материја двете министерства постигнаа согласност за склучување два билатерални договора од кривичната област, рече министерот Џафери на денешната прес-конференција.

Целта на овие билатерални договори е олеснување на примената на веќе склучените договори за екстрадиција меѓу Македонија и Италија.

– Овие договори регулираат прашања за делокругот за давање правна помош и извршување на барањата за правна помош и одлагање на извршување, пренос на барањето за правна помош, начин на комуникација, сослушување по пат на видеоконференција, екстрадиција на сопствени државјани, идентификација на банкарски и финансиски податоци, екстрадиција на сопствени државјани за кривични дела од организиран криминал, корупција, перење пари, појасни министерот за правда. Соработката меѓу правосудните органи на Македонија и Италија, според Џафери, се одвива на највисоко ниво и без проблеми.

Досега имало случаи кога Македонија барала екстрадиција од Италија, а случаите биле навремено завршени. Од Италија, како што кажа македонскиот министер за правда, не било досега побарано Македонија да екстрадира некој нејзин државјанин.

Италијанскиот министер за правда Андреа Орландо истакна дека од основно значење во време на тероризам и организиран криминал и на трговија со луѓе земјите да се организираат на начин да можат да се борат против овие појави.

Оваа целосна слика ја поттикнува Италија да ја поддржи Македонија на нејзиниот пат кон интеграција во ЕУ и НАТО, рече Орландо. Според него, за Италија е особено важно да се зајакне соработката во областа на правосудството со земјите од Западен Балкан чија цел е здружена борба против организираниот криминал.

Италија е петата земја со која Македонија има билатерален договор за екстрадиција. Претходно вакви договори беа потпишани меѓу министерствата за правда на Македонија и на Србија, Косово, Хрватска и Црна Гора, а во тек се разговори за склучување вакви договори и со други држави и од регионот и од ЕУ. Во моментов Македонија побарува екстрадиција на десет лица од различни држави.