Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаМакедонија е европски рекордер во смртност на новороденчиња

Македонија е европски рекордер во смртност на новороденчиња

Македонија повторно ќе заврши прва на европската листа за смртност на бебиња. Платформата за родова еднаквост вчера ги презентираше наодите од анализата која ја утврдува моменталната состојба и причините за зголемената смртност на родилките и новороденчињата. Резултатите се поразувачки.

Стапката на перинатална смртност во Македонија е во пораст од 2010 година, а во 2014 е 14.3 и е речиси тројно повисока од европскиот просек кој изнесува 5.2. За споредба, стапката на перинатална смртност во Србија е 8.9, во Хрватска 5.7, во Бугарија 11, а во Турција 10.2. Смртност на доенчињата исто така расте и ако во 2010 година била 7.6, во 2014 достигнува 9.9.

Зголемени стапки на смртност се забележуваат во Дојран (30.3), Берово (22.3), Гевгелија (18.8), Крушево (18.5). Дополнително загрижувачки е податокот дека од 2011 година стапката на матернална смртност исто така се зголемува. Како резултат на досега регистрираните случаи на смрт на родилки, овој тренд се очекува да продолжи и во 2015 година – изјави Марија Башевска од Реактор.

Едни од главните причини за зголемената смртност се недоволните буџетските средства за превентивна здравствена заштита на мајките и децата кои секоја година се намалуваат и пренаменуваат за други цели, како и недостатокот на матични гинеколози и гинеколошки установи, особено во општините со највисока стапка на смртност во државата.
bebeОд Платформата укажуваат дека условите се особено лоши во помалите општини каде се уште нема матичен гинеколог. Жените од помалите места и руралните подрачја, како резултат на недостатокот на гинеколози и нефункционалните породилишта, немаат пристап до примарна здравствена заштита во антенаталниот и периодот по породувањето. Дополнителен проблем е и незаконска наплата кај матичните гинеколози, како и трошоците за партиципација кои се на товар на жените.

Проблемот на незаконските наплати не може да се реши само со репресивни и казнени мерки коишто во изминатиот период ги применуваше ФЗО. Овие мерки само ги одвраќаат гинеколозите и не се покажаа како успешни. За да се унапреди здравјето на бремените жени потребно е да се елиминираат трошоците за секоја жена во текот на бременоста во јавното здравство, како и целосно да се укинат трошоците за партиципација коишто жените ги плаќаат – изјави Елизабета Божиноска од ХЕРА.

Савка Тодоровска од Националниот совет за родова рамноправност истакна дека е неопходно да се зголемат буџетските вложувања за подобрување на пристапот и квалитетот на услугите во јавните гинеколошки здравствени установи, како и зголемување на буџетските средства и активностите на Програмите за активна здравствена заштита на мајките и децата, а ФЗО да изнајде трајно решение за проблемот со незаконска наплата на услугите во ординациите на матичните гинеколози и веднаш да отпочне со ко-финансирање на породувања во приватни здравствени установи.

Платформата за родова еднаквост бара новата Стратегија за безбедно мајчинство да се базира на релевантни истражувања и докази и во себе да содржи мерки и цели согласно наодите од терен, а нејзиното спроведување континуирано да се мониторира и евалуира.