HomeФЕР ПЛЕЈФудбалМакедонија пропушти историска шанса за победа против Италија

Македонија пропушти историска шанса за победа против Италија

Фудбалската репрезентација на Македонија можеше да и донесе огромна радост на нацијата, но неспретноста во одбраната и дозволија на Италија потешко од очекувањата да слави победа на арената Филип Втори. Македонските фудбалери имаа негатива во првото полувреме откако Белоти ја спроведе топката во голот на Богатинов по лошата реакција на одбраната.

italija-mk2

Во второто полувреме Македонија направи пресврт со головите на Несторовски и Хасани, но сепак, Чиро Имобиле постигна два гола во 75 и 92 минута и донесе златна победа за избраниците на Вентура. Македонија повторно загуби, трет меч сме без победа, но сепак, нашите фудбалери ги заслужија сите аплаузи за играта.

Натпреварот почна доста динамично, а првата шанса ја имаше Горан Пандев уште во првата минута, но Буфон добро се постави и го сопре неговиот удар. Првата закана од Италија, пак, стигна во 9. минута кога Антонио Кандрева постигна погодок, но линискиот судија покажа офсајд. Тоа како да ја мотивира Македонија повторно да нападне, па во 17 минута Илија Несторовски го совлада Буфон, но пречката беше сојузник на чуварот на мрежата на „азурите“.

italija-mk3

На самиот старт на вториот дел Македонија повторно тргна офанзивно и притисна, а од 57 до 60 минута следеше ШОК на „Филип втори“. Најпрво, Илија Несторовски во 57 минута погоди за 1-1 по една грешка на Верати и Бонучи, а потоа, за пресврт успеа да стрела Ферхан Хасани по едно одлично проигрување на Несторовски и Пандев.

Двата примени гола предизвикаа паника кај селекторот на „азурите“ Вентура кој реши да направи двојна замена и да ја освежи играта. Во 63 минута на терен влегоа Пароло и Сансоне, на местото на Бонавентура и Бернандески и ја раздвижија заспаната средина на Италија.

Во 71 минута Македонија имаше можност да поведе и со 3-1, но Даниел Мојсов немаше среќа да постигне гол затоа што неговиот удар со глава го скроти Буфон. Потоа, следеше и удар на Алиоски, но Буфон повторно беше на висината на задачата, а казната за пропуштените прилики стигна во 75 минута кога Чиро Имобиле погоди во мрежата на Богатинов за 2-2. Потоа, Ангеловски во игра ги внесе Трајчевски и Петровиќ, постави подефанзивна игра, но не издржа на притисокот на Италија која до трите бода дојде во 92. минута со голот на Имобиле кој погоди од позиција на втората статива по еден центаршут на Кандрева.

Македонија по три кола останува без победа во циклусот за СП 2018. Пред Италија, загубивме од Израел и Албанија, а нареден дуел ни е против Шпанија.

Извор: gol.mk

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com