Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАСветМадуро со закана: Народот ќе ги преземе фабриките, а газдите ќе одат во затвор

Мадуро со закана: Народот ќе ги преземе фабриките, а газдите ќе одат во затвор

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро предупреди доцна синоќа дека властите ќе ја затворат секоја фабрика што ќе престане со производство, а нејзините сопственици ќе ги смести во затвор. Претходно во сабота на улиците излегоа провладини и противвладини демонстранти, во момент кога земјата е погодена од голема економска криза предизвикана од падот на цената на нафтата на светските пазари.

Во земјата од средината на јануари се во сила мерки за ограничување на продажбата на храна и другите продукти.
Опозицијата собра 1,8 милиони потписи на петицијата со која се бара отповикување на Мадуро, но изборните органи одбија да ја ратификуваат петицијата, што би требало да биде следен чекор во предвидената процедура.

Мадуро, во обраќањето пред своите приврзаници, рече дека забелешките на менаџерите на фабриките дека им недостасува странска валута за набавка на суровини претставуваат ‘жалопојки’, додека нивните закани за затворање на фабриките ги нарече објава на „економска војна“.

„Секоја фабрика што ќе престане со работа, ќе ја окупира народот“, рече Мадуро во говорот што го пренесуваше телевизијата. Исто така, истакна дека народот ќе ги преземе сите фабрики „кои ги парализирала буржоазијата“ и дека секој оној што не сака да работи, треба да си оди.

Венецуелскиот претседател во петок на 60 дена ги продолжи вонредните мерки во оваа земја. Владата сака да го избегне парламентот, во кој опозицијата е мнозинство, да преземе мерки и да ги намали социјалните давачки заради драстичниот пад на приходите од извозот на нафта.

Во земјата заради кризата недостасуваат храна и медицински средства, често нема струја, зачестија грабежите, а населението е соочено со галопирачка инфлација. Мадуро тврди дека цените на нафтата на светските берзи паднале заради заговорот на земјите од ОПЕК и САД, кои сакаат да го соборат од власт.