Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЉубе Бошкоски со отворено писмо до своите подржувачи

Љубе Бошкоски со отворено писмо до своите подржувачи

Љубе Бошкоски преку писмо им се заблагодари на подржувачите. По излегувањето од затворот, Љубе не сакаше да даде изјава за медиумите, а викендов ги собра неговите сопартијци во Челопек да го прослават излегувањето на слобода. Сега тој упати писмо до неговите подржувачи. Го пренесуваме во целост.

„Почитувани, ви благодарам на илјадниците честитки упатени до мене, ви благодарам од длабочината на моето македонско срце. Ова се големи денови за мене после толку робување поради правосудните неправди кои ми беа нанесени. Сè уште се привикнувам на слободата и во овие денови приоритет ми е моето семејство, мојата ќерка, синови и сопруга кои се бореа за мене во годините на долгото заточеништво предизвикано од туѓата нечиста совест.

Сега тука сум да пробам барем малку да им надокнадам еден мал дел од пропуштеното и ве молам од длабочината на моето срце да ме разберете. Семејството е најсветото нешто на светот на секој човек. Сега со целото мое семејство заедно сме во мојот роден Челопек и желба ми е и сон подолго да сме заедно ова лето и по десетте години самување да го поделам времето со нив.

Семејството е столбот на општеството. Тоа е нешто од каде потекнува сета љубов и топлина и дава сила на човекот за понатамошната борба. Тоа е она што го прави секој човек среќен и спокоен. Домот е целосен кога семејството е цело. Не сум се откажал и нема да се откажам од борбата за слободна Македонија. Доаѓаат тешки денови, денови кога мора сите заедно да сме сплотени и да ја донесеме Македонија на правиот пат.

Уште еднаш големо благодарам за вашата поддршка која ми даваше сила да издржам. Да живее нашата вечна и бесмртна Македонија!

Ваш брат, Љубе Бошкоски“