Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЛокалните избори ќе бидат приоритет на следната собраниска седница

Локалните избори ќе бидат приоритет на следната собраниска седница

Датумот за локалните избори и измените на Изборниот законик може да бидат први на агендата на Собранието доколку на лидерска средба или претставниците на парламентарните парти постигнат консензус за тоа. Со ова Талат Џафери и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ја потврдија информацијата дека партиите договараат решение за локалните избори – објави Дневник.

„Поради потребата за брзо одржување локални избори, можно е седницата за измени на Изборниот законик и одредување нов датум за изборите да се одржува паралелно со седницата за избор на нова влада. Тоа зависи од партиите. Пред два дена имав комуникација со лидерите на ДУИ, Али Ахмети, на СДСМ, Зоран Заев, и со претставник од ВМРО-ДПМНЕ и ги запознав со процедурите во однос на закажувањето на локалните избори. Обврска на партиите е да постигнат консензус и заедно да настапат со предлог пред Собранието за да може да се поведе постапката. Треба да се има предвид дека од распишувањето на изборите до нивното одржување има рок од 70 дена – рече Џафери на брифинг со новинарите.
Според него, доколку партиите постигнат договор, формалната постапка за промена на Изборниот законик и за распишување на изборите може да се заврши во рок од еден ден. Собранието, ако треба, рече Џафери, ќе заседава 24 часа и ќе бидат формирани комисиите, а измените ќе се донесат по скратена постапка.

И за Заев е логично да се закаже собраниска седница за измените на Изборниот законик кога претходно пратеничките групи ќе се усогласат за составот на законодавно-правната и комисијата за политички систем. Според Заев, локалните избори може да се закажат за есенва или идната пролет.

„Досега тоа во Македонија се правело во договор помеѓу сите политички партии и јас очекувам во најмала рака, ако не лидерите, барем наши претставници, да одржат средба во Собранието и да го договорат новиот термин за изборите и да го договорат и распоредот на двете комисии како би можело бргу да се закаже седница за и де факто да може да се одложат локалните избори кои беа планирани за мај годинава“ – вели Заев.

Со Измените на Изборниот законик ќе се продолжи мандатот на локалната самоуправа. ВМРО-ДПМНЕ, пак, вчера излезе со понуда на три термини за локалните избори, односно тие да бидат во јули, септември или во октомври.

„Во моментот се соочуваме со една специфична ситуација во која е загрозен еден од најважните државни столбови, а тоа е локалната самоуправа, како уставно загарантирано право на граѓаните. Го повикуваме парламентарното мнозинство веднаш да создаде услови за распишување на локалните избори и да го овозможи работењето на советите на општините и на градоначалниците. Предлагаме локалните избори да се одржат на 2 јули. Доколку мнозинство не е спремно за брзи локални избори, вториот термин кој е прифатлив е средината на септември, 17 или 24 септември. Ако СДС, ДУИ, Беса и „Алијансата на Албанците“ не се спремни за избори во септември, тогаш третиот датум што сметаме дека е соодветен е локални избори на 15 октомври“ – изјави Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.