Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАЛетни и школски кластери – Колкави ќе бидат последиците од КОВИД-19 пандемијата?

Летни и школски кластери – Колкави ќе бидат последиците од КОВИД-19 пандемијата?

Дали се возможни нови Ковид-кластери, по завршувањето на споените празници овој празничен викенд? Во петокот, граѓаните од  исламска вероисповест го славеа големиот празник Курбан-Бајрам, додека во недела е најголемиот државен и национален празник Илинден, кој воедно се празнува и како верски. Во екот на најголемата светска пандемија, предизвикана од Корона-вирусот, бевме сведоци, дека токму масовните групирања за време на споените празнични викенди предизвикаа и најголеми жаришта од новозаболени случаи со Ковид-19. Во неможност да отидат на одмор во Грција, македонските граѓани, ова лето, најмногу ги претпочитаат домашните туристички центри како Охрид  и Дојран. Сепак и Преспа има многу поголем број на туристи од вообичаеното. Дали македонските граѓани, ќе се однесуваат согласно препорачаните мерки за социјална дистанца, и дали охридските угостители ќе овозможат услови во своите локални за пристојно растојание помеѓу гостите се со цел да се минимизира ризикот од нови заболувања, одговор ќе добиеме за неколку седмици. Македонските граѓани како да се олабавија од првичниот шок и страв од Корона вирусот кој го имаа на почетокот во пролетните месеци,и за разлика од тогаш, во летните месеци се однесуваат многу покомотно. Тоа беше и причината за наглото зголемување на бројот на новозаразени, во период кога во цела Европа, кривата на вирусот одеше надоле.  

За еден месец  е предвидена да започне и новата учебна година, во која учениците во основните училишта, но и во средните и студентите на факултетите ќе се соочат со „новата нормалност“, т.е ќе учат и ќе ја следат образовната настава по нови правила. Заменик – министерката за образование Елизабета  Наумовска,  истакна дека МОН е подготвена да ги преземе сите потребни мерки, за отпочнување на новата учебна година.

-Ќе се придржуваме кон мерките, и ќе обезбедиме секаде адекватни услови за спроведување на наставата. Сепак, овие мерки нема да бидат унисони, односно секоја општина во зависност од капацитетите ќе се прилагодува за наставниот процес“, потенцираше Наумовска.

Што значи „во зависност од капацитетите и условите“? 

Во повеќето училишта во Источна Македонија,  во основните паралелки учат од  15-20 деца, што значи дека тој редуциран број на ученици може да се спроведе. Сепак во голем број на скопски општини, една паралелка  има и до 34 ученици, па тука образовниот процес ќе треба да се подели на двосменско работење. Предвидено е учениците да носат задолжително маски, да ги мијат и дезинфицираат често рацете, и да нема голем одмор. Часовите наместо 45 минути, ќе бидат скратени на 20 минути, а согласно развојот на пандемијата, не се исклучува и самата учебна година да трае помалку, односно наместо 180 работни денови, таа да биде спроведена со потребниот минимум од 100. Така, зимскиот одмор би почнал многу порано, а би траел до подоцна, наместо тековниот јануарски од  дваесет денови.