Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионЛетај, летај бубамаро, донеси ми… Болест?!

Летај, летај бубамаро, донеси ми… Болест?!

Деновиве експертите предупредуваат дека се појавил нов вид на бубамара која се разликува од оние што ги знаеме уште од деца. Имено, како знак за препознавање на опасниот вид се наведува дека овие бубамари може да бидат црвени, црни или жолти, без ниту една точка или да имаат до 20 точки.

Надлежните советуваат, доколку наидете на оваа појава никако не допирајте ја, бидејќи наместо гости, како што традиционално се верува за овој инсект, новиот вид многу лесно може да ви донесе вонредна посета на некој од болничките центри низ државата.

Се работи за азиска бубамара и за разлика од домашната, која секогаш има седум точки и е сосема безопасна, таа може да предизвика сериозни алергиски реакции, почнувајќи од астматичен напад, конјунктивитис или бурни кожни реакции.

Kако најсигурен начин за нивно разликување од домашните сосема безопасни бубамари се посочува ознаката на предниот дел од телото во форма на буквата М или W на бела заднина. Тие биле донесени во Европа пред неколку децении за борба против одредени штетници, но со тек на време ја загрозиле и европската бубамара.

Тоа веќе се случува во Хрватска каде што на полуостровот Истра состојбата е алармантна. Илјадници вакви инсекти секојдневно слетуваат во домовите на Истрани, а повеќемина, откако ги допреле, развиле силна алергиска реакција и биле принудени да бараат лекарска помош.

Хрватските медиуми алармираат дека деновиве Истра е под вистинска инвазија од опасната азиска бубамара. Тамошниот завод за јавно здравје примил повеќе дојави од граѓани дека илјадници вакви инсекти масовно се појавиле во повеќе населби на овој хрватски полуостров и оти ги има на фасадите на куќите и на вратите и прозорците. По обиколката на теренот, тамошните стручњаци утврдиле дека се работи за азиската или харлекинска бубамара, инвазивен вид кој се шири во целиот свет, а во Истра првпат била забележена пред 6-7 години.

Освен во Хрватска, наезда на овие инсекти има и во Србија каде поради ладното време се почесто влегуваат во становите и куќите.

Затоа на граѓаните им препорачуваат да не ја допираат и оти најдобра заштита е ако може воопшто да не дозволат овој инсект да влезе во нивните домови.

Засега сеуште нема пријавено појава на опасниот вид на бубамара во Македонија.


Н.С