Saturday, Apr 20, 2024
HomeФЕР ПЛЕЈФудбалЛенс ги забрани алкохолните пијалоци за време на ЕП

Ленс ги забрани алкохолните пијалоци за време на ЕП

Францускиот град Ленс ќе забрани консумирање на алкохолни пијалоци на улиците за време на натпреварите на Европското фудбалско првенство што почнува на 10 јуни.

Поради опасноста од навивачки немири, пред и после натпреварот Англија – Велс, навивачите не ќе смеат да пијат алкохол на улиците на Ленс 24 часа, од  четврток, 16 јуни на денот на натпреварот до следниот ден наутро.

Полицијата ќе ги прегледува автомобилите кои ќе пристигнуваат во градот тој ден за да се спречи неконтролирана конзумација на алкохол, кој ќе биде дозволен само во официјалните фан-зони.

Британската полиција ги повика навивачите кои немаат влезници за натпреварот да не патуваат во Ленс, туку да го следат натпреварот во фан-зоната во Лил или во некој од другите градови.

Властите во Франција и во Англија очекуваат дека на ЕП во фудбал од Велика Британија ќе пристигнат меѓу 350 и 500 илјади навивачи, 250.000 од нив имаат обезбедени влезници.

Во Ленс забраната за конзумирање алкохол на улица, ќе важи и за другите натпревари од првата фаза, Албанија – Швајцарија, Чешка – Турција, како и за натпреварот од осминафиналето.

Интересно е дека пред две години, ФИФА стори се да го присили Бразил да го смени законот кој забрануваше конзумирање алкохол во текот на фудбалските натпревари, за да можат спонзорите на фудбалската федерација непречено да ги продаваат своите производи. Но, оваа година на ЕП во Франција ситуацијата е многу поинаква.