Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаЛекарската комора не можела да формира тим за да го провери гинекологот кој лажел пациентка дека е трудна

Лекарската комора не можела да формира тим за да го провери гинекологот кој лажел пациентка дека е трудна

Лекарската комора на Македонија веќе неколку месеци знаела за случајот со гинекологот од Скопје кој девет месеци лажел своја пациентка дека е бремена, иако таа немала плод во матката, пишува „СДК“.

Од Комората велат дека не извршиле стручен надзор врз работата на гинекологот, бидејќи имале технички проблем да го формираат тимот од експерти, кој ќе го направи надзорот.

Претставката против гинекологот од Скопје пред неколку месеци стигнала со Лекарската комора, поднесена од семејството на пациентката. Од Комората тврдат дека според правилата за надзор во вакви случаи треба да се исклучат сите стручњаци, кои би можеле да имаат конфликт на интереси, потоа стручњакот да биде од соодветната област, а оние што ќе се нафатат да го направат надзорот треба во исто време да бидат присутни во државата.

„Добивме претставка, но стручен надзор не е направен, оти имаме технички проблем при составување на тимот. Работиме на тоа да се формира тимот и да се изврши стручен надзор“, велат од Комората.

Порталот “Нова ТВ“ вчера го објави случајот со пациентката од Скопје, која имала неколку неуспешни бремености и добила ваучер од Фондот за здравство за бесплатно ин-витро оплодување. По оплодувањето, гинекологот ја уверувал дека е бремена, со тоа што и покажувал лажни ехо снимки од плодот, и пуштал срцев ритам, а цело време била и на хрмонска терапија. Според тврдењето на пациентката, лекарот им кажал дека цело време ги лажел дури по девет месеци, кога практично дошол терминот за породување, со објаснување дека на тој начин сакал да ја подобри функцијата на нејзините репродуктивни органи. Семејството поднело тужба против лекарот, кој не сака да го коментира случајот додека не заврши постапката.

Извештајот од стручниот надзор на Лекарската комора треба да покаже дали поплаката против гинекологот, во моментов вработен на Клиниката за гинекологија и акушерство, е основана или не. Овој извештај потоа Комората ќе го достави до семејеството и до Министерството за здравство.

Од Лекарската комора објаснуваат дека во вакви случаи нивниот извештај или мислење не се обвзувачки, туку дека се советодавни.

„Клиниката за гинекологија во случајов не може да го суспендира докторот врз база на поплака, за која не е докажано дали е основна или не. Ние пак како Комора не може да му одземеме лиценца се додека не добиеме правосилна судска одлука“, велат од Комората.