HomeДЕНЕШНАПолитикаЛДП нуди конкретни мерки за намалување на загадувањето на воздухот

ЛДП нуди конкретни мерки за намалување на загадувањето на воздухот

ldp

Потпретседателот на ЛДП, Зоран Шапуриќ на прес конференција изјави дека неговата партија има план и нуди конкретни мерки за намалување на загадувањето.

„Квалитетот на здравјето и на животот на човекот, во голема мера, зависи од квалитетот на животната средина. За Либерално-демократската партија, животната средина е врвен приоритет. ЛДП многу пати реагираше на постојаната деградација на животната средина. Загадувањето на амбиентниот воздух е една од најголемите закани по здравјето на граѓаните. Веќе години наназад Скопје, но и другите градови во Македонија, особено Тетово и Битола, се едни од најзагадените градови во Европа. Енормното загадување на воздухот е причина за големата смртност и на предизвикување на сериозни заболувања во Македонија. Притоа, најзагрозени се ранливите категори, а особено нашата иднина – децата.

Нивото на суспендирани честички, од 10 микрометри и 2,5 микрометри, односно ПМ 2,5 и ПМ 10 честички, во овие градови е повисоко од дозволеното повеќе од 130 дена во годината, а во одредени периоди дури и до 10 пати повеќе од дозволеното. Покрај ова и концентрациите на загадувачките супстанции, меѓу кои сулфур диоксид, азот диоксид и јаглероден моноксид честопати ги надминуваат пропишаните гранични вредности. Состојбата е сериозна и бара утврдување и преземање на низа неодложни и итни мерки и активности, но и среднорочни и долгорочни мерки и активности. Власта предводена од ВМРО ДПМНЕ не презема ништо и наместо конкретно делување, реагира со некакви “препораки“. Наместо инвестиции, кои ќе придонесат за намалување на загадување на воздухот и натаму се продолжува со инвестици кои се непродуктивни, како што се панорамското тркало, т.н барокни фасади, жални врби и низа други скапи проекти. Справување со загадување на воздухот бара мултисекторски и мултидимензионален пристап со вклучување на голем број институции на централно и на локално ниво.

Либерално-демократската партија повеќе пати ги изнесе своите програмски решенија за справување со загадување на амбиентниот воздух. Во оваа прилика ги споменуваме само најважните мерки кои ЛДП ќе ги презема по победата на опозицијата и формирањето на новата влада во која ќе учествува ЛДП, како што се:

– Државни инвестиции во производство на енергија од обновливи извори, особено на ветровата и сончевата енергија и субвенции за приватни инвестиции во оваа сфера;

– Итна забрана на увоз на стари возила кои се под ЕУРО 5 стандард и строга контрола на исполнување на еколошките стандарди при увозот на овие возила;

– Стимулација на користење на електрични возила, хибридни возила и возила на природен гас и ослободување од ДДВ и од царински давачки,како и изградба на соодветна инфраструктура која ќе ги опслужува овие возила;

– изградба на подземни сообраќајници во големите градови;

– итно прекинување на масовна неодржива, анти еколошка и нехумана градба и масовно и безмилосно уништување на зеленилото и подигање на нови зелени површини;

– строга контрола на градежните работи и на севкупната механизација која се користи при градбата и миењето на околината околу градежните објекти и постојано миење на улците;

– бесплатен јавен превоз во големите градови во периоди на енормно загадување;

-инвестиции во современи уреди за пречистување на воздухот;

– перамнентно и сериозно следење на исполнување на условите утврдени во издадените А и Б интегрирани еколошки дозволи за индустриски погони;

– конечно отпочнување на реализација на проектот трамвај, кој по долгогодишно одовлекување се претвори во проект “трамвајот наречен желба“.

– перманентно следење на состојбите со загадување на воздухот и информирање на јавноста за мерките и активности кои надлежните локални и државни институции ги преземаат;

Овие мерки ќе се поттикнуваат преку основање на целосно независен еколошки фонд, во кој ќе се слеваат средства од еколошките такси – овој фонд е програмска опредлба на ЛДП уште од 2011.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com