Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАЦрна хроникаЛажна дојава за бомба во тетовскиот суд

Лажна дојава за бомба во тетовскиот суд

Припадници на Единицата за антитероризам на МВР денеска по 13 часот извршиле комплетно пребарување на внатрешноста на Основниот суд Тетово и просторот околу него, при што не се пронајдени никакви експлозивни или други средства, по дојавата од изутрината дека има експлозивна направа во судот, соопшти МВР.

– Триесет и деветгодишната тетовка Н.Ј, денеска околу 8 часот и 40 минути пријавила во Полициската станица Тетово дека утрото кога влегла во нејзината адвокатска канцеларија лоцирана на улица „Струшка“ во Тетово, на подот забележала писмо, се наведува во соопштението од МВР.

Од полицијата информираат дека таа го подигнала писмото, го отворила и во него се наоѓал лист хартија на кој рачно, со кирилично писмо, било напишано: „На 13 април ќе се бомбардира Судот во Тетово, голема количина експлозија има внатре, доста игравте со народот, соопштение ОВК“.

За настанот веднаш бил известен јавен обвинител кој дал насоки за мерките и активностите што треба да се превземат, по што повеќе служби на СВР Тетово испратени се во и околу објектот на Основниот суд Тетово, а известени се и соодветните служби на Министерството за внатрешни работи во Скопје.

Извршен е комплетен увид и Секторот за внатрешни работи Тетово работи на расветлување на случајот, односно кој, зошто и со какви мотиви го оставил писмото во адвокатската канцеларија на Н.Ј и која била целта, велат од МВР.