„Лајка“ ќе биде удобно место за живеење на бездомните кучиња
Денеска во главниот град се отвори стационарот за бездомни животни, Лајка. Капацитетот на објектот е околу сто кучиња. Со тоа на скопјани,конечно ќе почне да им се решава проблемот со кучињата скитници, кои тие го имаат со децении. Ова значи и хуманизација на бездомните животни, односно нивно згрижување и оттргнување од скитничкиот живот по скопските улици.
-Станува збор за објект со најдобри стандарди кои се препишуваат во оваа област. Има подно греење, секој дел е засебен, тргнато е прифатилиштето и приемното одделение, има соба за интензивна нега, операционала сала, амбуланта, соба за пост оперативен третман и карантински дел. Системски ќе го решаваме проблемот со бездомните кучиња со цел за една до две години од сега да го намалиме и бројот на кучињата скитници, но граѓани кои се каснати од кучињата, рече првиот човек на Град Скопје Петре Шилегов.
Изградбата на Лајка чини околу 30 милиони денари, средства кои се донација од дваесет градежни фирми, додека партерното уредување и зеленилото се резултат од секојдневното работење на јавните претпријатија. Од Буџетот на Град Скопје не се издвоени посебни средства за изградба на овој објект.
– Кога е јавно претпријатие мора однапред да дадете пари, да се спроведат постапки, мора да се потрошат средства за опремата која што не беше предмет на донација за да се опреми медицинскиот дел и операционите сали, за да можеме да бидеме функционални во моментот кога ќе се отвори, рече Шилегов.
Директорката на Лајка, Тина Петрушевска нагласи дека во рамки на стационарот ќе има два посебни карантински делови, едниот за болни кучиња, а другиот за кучиња кои каснеле некого.
-Граѓаните заслужуваат да знаат историја за кучето кое ги гризнало, дали е болно од нешто или не. Доколку има можност, истото куче ќе се ресоцијализира и ќе добие свој дом. Исто така има карантин и за болни кучиња, кои ќе бидат под надзор. Најубавиот дел е делот со 50 боксови, кои имаат подно греење и каде што секој граѓанин ќе може да си одбере миленик, рече Петрушевска.
Милениците кои што се подготвени за вдомување исто така ќе можат да се видат и на мултифункционален сајт и на социјалните мрежи. Ќе има можност за електронско аплицирање и за закажување на состаноци.
-Стационарот е транзит зона каде што покрај крвните анализи и процесот на кастрација или стерилизација, кучињата исто така ќе бидат микрочипирани, евиденторани со ушни маркици каде што ќе имаат код на секоја населба и ќе бидат вратени во истата населба во која се заловени, секако доколку не се вдомат. Спроведовме проценка на популација на бездомните кучиња. Шпекулациите дка имаме 13 000 бездомни животни не се точни. Бројката на кучиња скитници во Скопје е 1970 кучиња, нагласи Петрушевска.
Следува процес на чипирање на животните скитници.
Ги чипиравме домашните миленици, ќе влеземе во процес на чипирање на милениците скитници. Тој концепт ќе овозможи и започнување на широка акција за вдомување на животните. Доставивме преку 32 000 микро чипови на локалната самоуправа, истакна директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов.