Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЛајчак: Формирањето влада треба да стави крај на политичката криза

Лајчак: Формирањето влада треба да стави крај на политичката криза

Вицепремиерот и шеф на дипломатијата на Словачка Мирослав Лајчак изјави дека очекува со изборот на новата влада во Македонија да биде ставен крај на политичката криза и да почнат да се надминуваат поделбите во општеството.

– Се надевам дека формирањето влада и мандатот на Зоран Заев означува крај на политичката криза, која за жал влијаеше на политичките случувања во Македонија, изјави Лајчак во интервју за „Европски Западен Балкан“ за време на глобалниот безбедносен форум ГЛОБСЕК во Братислава.

Политичката криза, според Лајчак, резултирала со поделби во општеството.

– Најпрво треба да биде направен обид да се обедини општеството, да се премостат разликите и да се надминат поделбите. Логична агенда или работа што може да помогне за остварување на тоа се евроатлантските интеграции, изјави Лајчак.

На прашањето за евроатлантската иднина на Македонија, Лајчак одговара дека евроатлантските интеграции ги поддржуваат мнозинството од луѓето во Македонија.

– Сакаме да видиме враќање на нормалните демократски процеси во Македонија и рестартирање на заложбата за европска интеграција. Јас сум сигурен дека европското семејство ќе им помогне и ќе ги поддржи Македонците на овој пат, изјави Мирослав Лајчак.