Tuesday, Mar 19, 2024
HomeДЕНЕШНАСветКурдите во Франкфурт излегоа на масовен протест против Ердоган

Курдите во Франкфурт излегоа на масовен протест против Ердоган

Повеќе од 30.000 турски Курди одржаа протести против турскиот претседател Тајип Реџеп Ердоган во германскиот град Франкфурт. Демонстрантите дојдоа од сите делови на Германија за курдската Нова година. Демонстрантите повикаа на демократија и рекоа дека не треба да се излезе на референдумот што Турција ќе го одржи следниот месец.

Многу демонстранти носеа симболи на партијата ПКК што во Турција е забранета и прогласена за терористичка група и вееја знамиња со ликот на уапсениот лидер на ПКК Абдула Очалан. Турција ги осуди протестите и рече дека Германија е лицемерна бидејќи дозволила да се одржат.

Меѓу двете земји се создаде дипломатски проблем откако Германија им забрани на турските министри да одржат говори во кои ќе ги повикуваат луѓето да заокружат „да“ на референдумот на 16 април со кој ќе му се дадат поголеми овластувања на претседателот.

„Неприфатливо е да се носат симболи и слогани на ПКК, а турските министри и адвокати беа спречени да се сретнат со граѓаните. Ги потсетуваме европските земји дека на 16 април одлуката ќе ја носи турската нација, а не Европа“, рече портпаролот на ердоган Ибрахим Калин.

Протестот во Франкфурт помина мирно и без инциденти. Право на глас на референдумот во април имаат 1,4 милиони Турци во Германија.