Friday, Apr 19, 2024
HomeРЕФЛЕКТОРМедиуми„Куќа на фудбалот“ е нова емисија за домашниот фудбал

„Куќа на фудбалот“ е нова емисија за домашниот фудбал

Од денес на Канал 5 ќе се емитува новата спортска емисија „Куќа на фудбалот“ во чест на домашните фудбалски случувања, со надеж дека ќе разговара за сите теми кои ги интересираат фановите и спортските работници, а со тоа и да му се даде поголемо значање на домашниот фудбал.

“Македонскиот фудбал го следиме, читаме по весници, кликаме вести на портали, го разговараме, а тоа значи дека фудбалот во Македонија е актуелен и го сакаме. Суштината на емисијата ќе биде да се доближи македонскиот фудбал до публиката, да се дискутира за него, да се даде критика кога е потребно или пак, некој заслужен позитивен коментар.” – изјави Златко Андоновски, портпарол на ФФМ.

Македонија е земја која го сака фудбалот, Македонската нација е страсен коментатор, навивач и критичар, а фудбалските случувања се дел од нашето секојдневие. Сакаме да ги следиме случувањата и актуелните настани во фудбалот, и да се радуваме на сите успеси кои ни ги приредуваат нашите фудбалски ѕвезди.

„Куќа на фудбалот“ е емисија која ќе биде посветена на македонскиот фудбал, а ќе се реализира во Фудбалската федерација на Македонија, во скај студио со поглед кон терените во комплексот „Куќа на фудбалот“. Концептот на емисијата ќе биде налик на европските интерактивни дебатни емисии за анализа на фудбалските натпревари по секое одиграно коло во македонската Прва лига и второлигашката конкуренција. Овозможено е он-лајн следење во живо на пет саботни натпревари од втората лига и пет неделни натпревари од првата лига преку посебната платформа на ФФМ: tv.ffm.com. Секој понеделник во рамки на емисијата во која ќе се прави преглед на колото, натпреварите ќе бидат анализирани, дебатирани и оценувани од стручен агол од страна на гости инволвирани во различни аспекти на фудбалската игра, потенцира портпаролот и водител Андоновски.

Во Македонија, за жал засега не постоеше емисија од ваков карактер и со ваков концепт каде што ќе се даде простор да се изнесе мислење за случувањата во спортот кај нас и поради тоа сигурни сме дека ќе има позитивен одзив и ќе биде позитивно оценета и прифатена и од јавноста и од фудбалските експерти.

Првата емисија ќе биде емитувана денеска премиерно на телевизија Канал 5 веднаш по вечерните вести, а прв гостин е претстедателот на ФФМ г. Илчо Ѓоргиоски. Емисијата ќе се емитува секој понеделник.