HomeДЕНЕШНАСветКрвав ден во Индија – Над 100 загинати при излетан воз

Крвав ден во Индија – Над 100 загинати при излетан воз

Најмалку сто луѓе се загинати при излетување на железничка композиција од шините во северна Индија, а уште околу 200 се повредени, од кои 80 се во тешка состојба, соопштија локалните власти.

Телевизијата NDTV објави дека спасувачките екипи на местото на несреќата во близина на градот Канпур, во индиската сојузна држава Утар Прадеш, пронашле тела на 100 загинати. Сите болници во близина се во состојба на подготвеност да ги примат жртвите. Околу 30 амбулантни возила се распоредени за пренесување на настраданите.

voz-india

Весникот Times of India пренесува дека причина за несреќата е излетувањето на 14 вагони од патничкиот воз, но дека според првичните сознанија најверојатно тоа е резултат на оштетување на шините.

Владата ќе ги истражи причините за несреќата и ќе преземе строги мери против одговорните лица, изјави министерот за железнички сообраќај Суреш Прабху, кој додаде дека неговото министерство на семејствата на загинатите ќе им исплати еднократна помош во износ од 350.000 рупии, или 5.200 американски долари, а на семејствата на настраданите по 50.000 рупии, или 735 долари.

Индискиот премиер Нарендра Моди, пак, на Twitter објави дека чувствува „неискажлива болка“ поради оваа трагедија. Неговата влада претходно вети дека ќе вложи 137 милијарди долари во текот на пет години во модернизација и безбедноста на железницата.

Железничките несреќи со многубројни жртви во Индија се чести поради дотраеноста на инфраструктурата и непочитувањето на прописите за безбедност. Најголемата несреќа на индиските железници се случи во 1981 година, коа воз падна во река, при што загинаа 800 луѓе.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com