Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАСкопјеКритична маса: „Времето студено, на точак разбудено“

Критична маса: „Времето студено, на точак разбудено“

Прва критична маса оваа година. Скопските велосипедисти утре ќе возат под мотото „Времето студено, на точак разбудено“. Новата „Критична маса“ започнува од 17:30 часот на централниот плоштад „Македонија“.

Со восхит ги гледаме тие убави фотографии од луѓе кои возат точак во зима и на снег во Холандија, Данска, Финска, Германија, Шведска. Не само возрасните, туку ги возат и своите дечиња на училиште, во градинка и воопшто не го сфаќаат студеното време како проблем. Зошто да не е така и кај нас?

Воопшто не е страшно, туку е и корисно за тебе и за околината, а плус стануваш и инстант херој и пример за другите. Наместо да се грчиш секој пат кога ќе излезеш надвор, облечи се убаво во слоеви, качи се на точак и прифати ја новата температура. Точак се вози и на пониски температури од нашите (околу нулата), се вози дури и на -10, -20.

Дебела зимска капа, шал и ракавици и почни да вртиш, ќе се загрееш! Твојот точак е твој пријател и во лето и во зима. Ви ветуваме дека не е толку страшно како што изгледа, сè уште точакот е незаменливо превозно средство, сè уште ја имате истата „терапија“. Забележувате ли дека сме побројни? Менување на свеста е процес, а ние сме на добар пат.

Поздрави го со насмевка истомисленикот на точак кога ќе се разминеш и направи си го денот поубав. Ајде да продолжиме да вртиме и во зима, како во било кое друго годишно време – се вели во повикот.