Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаКостова: И посакувам на Јанкуловска да се соочи со вистинска правда, а не со спектакуларни апсења

Костова: И посакувам на Јанкуловска да се соочи со вистинска правда, а не со спектакуларни апсења

Граѓанската активистка Кристина Костова го привлече вниманието на јавноста откако на екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска по влегувањето во затвор и посака да се соочи со вистинската правда, а не како што наводно таа им правела на нејзините политички противници.
„Спектакуларно спроведена во притвор пред претходно повикани камери на неколку национални телевизии. Пречекана во ќелиите за притвор со зборовите „Одамна Ве чекаме.“ Држена во притвор во лоши услови, на ладно, иако во првите месеци од бременоста. Немаше слух за нејзината состојба. Дома ја чекаа две малолетни деца, кои не можеа да ја видат со месеци. Здравствената состојба ѝ се влоши и доживеа спонтан абортус. И тоа беше почетокот на премрежјето на Емел Рамковска. За Емел се немаше обзир да биде оставена во домашен притвор, на пример, затоа што е бремена, или да го исчува детето до годинка. Затоа што е мајка. Не. Туркањето на Емел во студена ќелија пред да биде донесена каква било правосилна пресуда беше особено важно. Испраќањето на пораката за непринципиелна и сурова борба со неистомислениците преку прикажување спектакл за јавноста беше важно. Важно беше да се испрати пораката дека не смееш да се задеваш со власта. Ниту ти, ниту кој било од твоето семејство. Родителството не играше ама баш никаква улога во носењето одлуки за такви крвави спектакли.
Со камери и спектакли, со специјалци наоружани до заби со пушки и маскирани во застрашувачки качулки беше уапсен новинарот Кежаровски, како да е најопасен мафијаш, а за текст објавен години претходно. Спектакуларното апсење, сепак, беше непосредно по објавување на еден друг текст, поврзан со мистериите околу смртта на Никола Младенов. Чиста случајност.
Кежаровски беше уапсен, а домот му беше насилнички претресен пред очите на неговата, тогаш, малолетна ќерка. Последиците од таа психолошка тортура сѐ уште ги гледаме. Ми се чини дека Кежаровски никогаш не успеа да се врати на тоа што бил претходно. Остана ослабен, истоштен, а на лицето сѐ уште е видлива трага од болката од неправдата и претрпениот страв за сопствениот живот.
Ама и родителскиот статус на Кежаровски и добробитта на неговото дете не вредеа ни приближно колку пораката за немилосрдност кон секој што би се осмелил да го крене гласот против режимот во деновите на негова апсолутна власт. Таа порака мораше да биде испратена до јавноста по секоја цена.
Не беше важен ниту родителскиот статус на еден куп политичари кои беа притворани и апсени и газени на земја, или брутално тепани на работните места, секогаш пред камери, често пред очите на нивните деца.
Подоцна слушнавме дека овие пораки на безмилосност ги испраќала лично сега релативно новата мајка (одеднаш таа улога стана важна) Гордана Јанкуловска. Дека лично Гордана ги организирала и оркестрирала хајките преку кои ѝ се даваше на јавноста до знаење точно кое ниво на суровост и немилосрдност ја чека доколку се обиде да се спротивстави на режимот. Се правеа специјални телевизиски репортажи за начинот на кој се одвива нејзината работа, секогаш по сценарио направено во МВР, не во телевизиите, а подоцна од нејзина уста слушнавме дека тие акции до детал ги смислувала Гордана.
Креативноста во смислувањето нови начини на безмилосно справување со противниците и бескрупулозноста во реализирањето на тие замисли се во целост нејзини. Немало таму замешателство или сугестии од страна на Груевски, како што некои денес сакаат да изрелативизираат кога зборуваат за „кутриот“ Миле, кој „само“ слушал наредби.
Не. Бројните акции Гордана ги спроведува самоиницијативно, за што гордо им прикажува на партиските соработници. Затоа и беше еден од главните, а со сигурност најспособен, столб на режимот на Груевски.
Слободата е многу интересен брисач на сеќавања.
Многу брзо забораваме на некои работи кои ни беа секојдневие. На стравот, очајот и немирот во кој нѐ туркаше токму сурово способната цврста рака на Гордана. Нема протест на кој не сум излегла, ама и јас самата заборавив дека не секогаш знаев како ќе поминам или како ќе се вратам дома. Затоа и го пишувам ова. За да се потсетам првенствено себеси дека нема простор за сожалување, иако, признавам, по слушнатите разговори, озборувачката димензија на карактерот на Гордана ја хуманизира пред јавноста.
На Гордана Јанкуловска ѝ посакувам да се соочи со последиците од нејзините постапки. Не во студени ќелии, не со спектакуларни апсења, не со до заби наоружани специјалци. Не како што им правеше таа на нејзините противници, туку по правила и прописи, со запазени кодекси и испочитувани човекови права. Ѝ посакувам да се соочи со вистинска правда, напиша Костова на Фејсбук.