Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионКосовски министер поднесе оставка поради корупциски скандал

Косовски министер поднесе оставка поради корупциски скандал

Косовскиот министер за животна средина Ферид Агани вчера поднесе оставка, откако обвинител најави обвиненија против него поради корупција додека бил министер за здравство во претходната влада.

Агани е меѓу оние 64 лица, од кои 44 се лекари, кои беа обвинети оваа недела поради земање поткупи за испраќање пациенти, од кои некои се веќе починати, во две приватни болници. Лекарите добивале до 500 евра за испраќање на пациентите во приватни клиники.

– Барам да бидам ослободен од функцијата до моментот кога ќе бидам прогласен дека не сум виновен – напиша Агани во писмото до косовскиот премиер Иса Мустафа.

Агани, кој е обвинет дека потпишал документи кои довеле до тоа на приватните клиники да бидат платени 4,5 милиони евра, изјави дека целосно ќе соработува со властите.

Косовскиот здравствен систем е меѓу најлошите во Европа, кој ги принудува луѓето, оние кои имаат финансиска можност, да се лекуваат во странство.