Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАСкопјеКонцесионерот се откажа, „Македонско село“ ќе го одржува владата

Концесионерот се откажа, „Македонско село“ ќе го одржува владата

Kомплексот „Македонско село“, кој се наоѓа на падините на Водно, кај манастирот „Свети Пантелејмон“, нема касмет да доживее официјално отворање. Веќе две години такво нешто се најавува од надлежните лица од Министерството за економија, кои го изградија туристичкиот комплекс, а последен пат во мај најавија дека се готови 99 отсто од работите и оти селото летово ќе биде отворено, пишува Дневник.

Во меѓувреме, соработката ја откажал и концесионерот, фирмата „Тренд“, која требаше да го стопанисува комплексот во наредните 20 години. Kонцесијата ја доби за половина милион евра, односно за околу две илјади евра месечно.

Од Министерството за економија изјавија дека „Тренд“ се откажал и отстапил од концесијата од деловни причини, но не соопштија кои се.

– По известувањето добиено од приватниот партнер, Владата направи анализа и процени дека поради природата на работењето на комплексот, најсоодветно ќе биде со него да управува Службата за општи и заеднички работи при Владата, со можност перспективно да се разгледаат опциите за воспоставување одредена форма на јавно-приватно партнерство – изјавија од Министерството за економија.

Оттаму не ги соопштија ни причините зошто се доцни со промоцијата на етноселото, замислено како туристичка атракција, а не прецизираа ниту кога ќе биде отворено за јавноста. Влезот во селото ќе биде слободен, а до него ќе биде воведена автобуска линија. Ќе се плаќа само престојот во апартманите во горните катови. Изградбата на комплексот, според досегашните изјави, чинеше пет милиони евра.