Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаКонститутивната седница продолжува утре во 11 часот

Конститутивната седница продолжува утре во 11 часот

Денешниот ден не донесе ништо ново во Собранието споредено со вчерашниот. Најредовен на говорницата беше Илија Димовски кој постојано вели дека треба да се дебатира за, како што ја нарекува тој, Тиранската Платформа, односно за документот потпишан од албанските лидери кој претставувал закана од “кантонизација“ и “федерализација“ на Македонија.

Артан Груби од ДУИ, денеска, обраќајки се на македонски јазик за да го разберат подобро неговите колеги, рече дека се работи за заедничка изјава на албанските лидери која се содржела од предизборните програми на албанските партии, а премиерот на Албанија, Еди Рама бил само посредувач помеѓу нив бидејќи не можеле да се договорат да седнат во Скопје.

– Политичката декларација е направена во Скопје и таа е за европска Македонија за сите граѓани. Сите точки од декларацијата се од програмите на партиите на Албанците и таа на ниеден начин не задира во унитарноста на државата, кантонизација или федерализација, рече пратеникот Груби.

На темата “кантонизација“, “бинационалност“, “федералзација“ која во Собранието ја туркаат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се надоврза и Џеват Адеми од ДУИ кој, зборувајќи за односот ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, ништо од тоа не важело, туку не постигнале согласност за влада само поради Специјалното јавно обвинителство.

На денешното продолжение на седницата, додека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се надоврзуваа и се надополнуваа едни со други, пратениците од останатите партии постојано бараа Вељаноски да ги искористи механизмите кои му се на располагање и наместо јавноста да гледа циркус од собраниските клупи, да се премине на четвртата точка на која ќе се избира нов претседател на Собранието.

Инаку Илија Димовски, кој е најредовен на собраниската говорница изминативе два дена, е човекот кој треба да раководи со Комисијата за избори и именувања, што според СДСМ е апсурд бидејќи самиот го кочи својот избор.

Во таа комисија, договорено е односот да биде 6,5,1,1, односно најголем број членови да има ВМРО-ДПМНе, па СДСМ, и по еден од ДУИ и Беса, а откако ќе се избере, најсериозен кандидат за претседател на Собранието се наметнува Талат Џафери од ДУИ, поддржан од СДСМ.