Saturday, Oct 24, 2020
HomeДЕНЕШНАРепубликаКомплексната врска помеѓу загадувањето на воздухот и климатската криза

Комплексната врска помеѓу загадувањето на воздухот и климатската криза

skopjezagadenost

Втор дел

Најголем ризик по здравјето на глобално ниво

 

Светската здравствена организација (СЗО) го идентификува загадувањето на воздухот како најголем глобален здравствен ризик и процени дека истото е одговорно за околу 7 милиони смртни случаи секоја година. Најголемиот број од овие смртни случаи (4,3 милиони) се резултат на внатрешно загадување на воздухот од домаќинствата додека останатите се заради загадување на отворено.

 

Различни типови  загадување на воздухот можат да имаат различни негативни импликации врз човечкото тело. Саѓите (црниот јаглерод) влегуваат во белите дробови и крвотокот и ги уништуваат истите. Познато е дека саѓите го влошуваат бронхитисот и може да доведат до срцев удар, па дури и смрт. Смогот (озон на копнено ниво) ги иритира очите и грлото и е особено штетен за белите дробови. Луѓето кои работат на отворено, вежбаат на отворено, децата, старите лица и оние кои страдаат од астма се особено чувствителни кон негативните ефекти од смогот. Загадувањето на воздухот може да го влијае на правилениот развој на нервиниот систем и да ги намали когнитивните капацитети кај новороденчињата и малите деца. Како што веќе напоменавме, луѓето кои страдаат од алергии на полен, се очекува да страдаат се’ повеќе бидејќи се зголемува создавањето на полен и сезоната за ова е продолжена како резултат на климатската криза. Мозочните удари, срцевите заболувања, респираторните заболувања и карциномот се поврзани со загадувањето на воздухот.

 

Што значи ова за здравјето и благосостојбата на половината милион луѓе (според пописот од 2002 година) кои живеат во Скопје? Студијата од 2018 година објавена во Меѓународниот весник за истражување на поврзаноста на животната средина и јавното здравје ги проучи негативните влијанија врз здравјето на населението заради загадување на воздухот како и економските трошоци за лекување. Истражувањето открива дека во 2012 година имало 1199 предвремени смртни случаи заради на загадувањето на воздухот. Во истата година имало 547 пациенти со кардиоваскуларни заболувања и 937 со респираторни заболувања кои биле примени на болничко лекување заради влошување на болеста заради загадувањето на воздухот. Студијата проценува дека финансиските средства потрошени за справување со последиците од загадување на воздухот во 2012 година биле  меѓу 570 и 1470 милиони евра. Другите проценки откриваат дека зголемувањето на јавната потрошувачка во здравствениот сектор како резултат на загадувањето на воздухот е зголемено на 365 милиони евра односно 3,5% од БДП на земјата. Перформансите во работата во земјата се исто така погодени од последиците по здравјето од загадувањето на воздухот и ги чини даночните обврзници 4,3 милиони евра (0,13% од БДП).

 

Загадувањето на воздухот е социјална неправда

 

Како климатската криза така и загадувањето на воздухот раѓа и ги влошува веќе постоечките социјални неправди и има тенденција најмногу да влијае на најранливите категории  во општеството. Внатрешното загадување на воздухот во домаќинствата кое е најголем извор на смртни случаи поврзани со аеро-загадувањето на глобално ниво е резултат на затоплување и готвење во затворен простор од употреба на дрво со лош квалитет или други видови на несоодветни материјали како и употреба на печки на керозин или јаглен. Надвор од градот, загадувањето на воздухот влијае на егзистенцијата на земјоделците бидејќи утврдено е дека истото ги зголемува заболувањата кај земјоделските култури и го намалува вкупниот принос од земјоделието.

 

Покрај индустријата, голема причина за загадување на воздухот во Македонија е резултат на употреба на несоодветни материјали за греење во домаќинствата. Ова не само што значи дека голем број на луѓе се изложуваат на небезбедни нивоа на загадување на воздухот во нивните домови, туку се изложуваат и на поголем социјален проблем. Тоа покажува дека многу луѓе не се финансиски способни да ги загреваат своите домови на начин на кој што нема да има последици по нивното здравје. Покрај тоа, мора да го истакнеме проблемот дека многу грдаби кои се домови и/или работни места на жителите на Македонија се стари и не се соодветно одржувани. Па така многу луѓе живеат во живеалишта и одат на работни места кои се лошо изолирани и бараат повеќе загревање. Со ограничени опции за поефективни решенија за греење, многу луѓе се ставени во позиција  да изберат помеѓу смрзнување во зимските месеци или вдишување на токсичен воздух.

 

Што се прави во врска со ова?

 

СЗО нагласува дека подобро планирање во урбанизмот, транспортот, дизајнот на зградите и превенцијата на испуштањето на метанот можат значително да влијаат врз намалувањето на загадувањето на воздухот. Светска здравствена организација сугерира дека справувањето со загадувањето на воздухот од сообраќајот, од котлите, отпадот, земјоделството и индустријата може да го намалат глобалното затоплување за дури 0,5°C. Но, што прават креаторите на политики во Македонија во врска со ова итно прашање? Владата објави дека издвоила 1,6 милиони евра за решавање на загадувањето на воздухот. Сепак, експертите тврдат дека ова не е ниту од далеку доволно за навистина да се направи подобрување на моменталната состојба. Плановите за зголемувањето на енергетската зависност на земјата од фосилен гас не се добри вести ниту за проблемот со загадувањето на воздухот ниту за климатската криза. За скопската општина се вели дека инвестирала 100 милиони евра во нов систем за јавен превоз кој треба да биде готов до 2021 година. Во меѓувреме, во градот очигледно преовладуваат автомобилите додека пешаците и велосипедистите не само што треба да внимаваат при преминувањето на улиците и пешачењето на тротоарите заради ниската сообраќајна култура, туку исто така треба да се плашат и од вдишувањето на шокантно високите нивоа на загадување на воздухот, кои се предизвикани од истите возила што тие се обидуваат да ги избегнат. Владини претставници имаат споменувано и други мерки, вклучувајќи и забрана за поминување на тешки возила низ центарот на градот, субвенции за чистење оџаци, ослободување на трудници и лица над 60 години од работа, па дури и надзор со дрон за да се следат и казнуваат големите загадувачи.

 

Во меѓувреме поединци, движења и организации започнаа да соработуваат и заеднички да настапуваат против неправдите заради загадувањето на воздухот. Апликацијата AirCare што изработена од Горјан Јовановски ја стави моќта на информацијата во рацете на граѓаните. Досега апликацијата е преземена над 200.000 пати. Многу граѓански движења стануваат се’ погласни по ова ова прашање вклучувајќи ги „Скопје Смог Аларм“, здружените „Зелен Фронт“ како и Скопскиот огранок на движењето „Петоци за Иднината”, неколку од кои минатиот петок беа приведени од страна на властите заради герила акција која ја потенцираше поврзаноста на загадувањето на воздухот со здравствените последици врз луѓето. Движења од целиот Балкански регион, исто така, се здружуваат овој петок, 28 февруари да бараат чист воздух. Протестите се најавени во 9 градови низ 5 земји. Бидејќи времето станува потопло и смогот полека почнува да се крева од нашите градови, проблемот со загадувањето на воздухот станува се’ помалку видлив, но заканата и неправдите не се само сезонски.

Автори: Симона Гетова и Џеј Ди Фаруџиа