Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаКомисијата за хартии од вредност ставена на тест за преземањето на Макпетрол

Комисијата за хартии од вредност ставена на тест за преземањето на Макпетрол

Ден откако анонимната компанија „Балкан Петролеум Холдинг Лимитед“ официјално ја достави понудата за преземање на домашниот нафтен гигант „Макпетрол“, станува се појасно дека ова ќе биде најголемиот испит во 24-годишната историја на македонскиот берзански регулатор. Комисијата вчера се огласи за првпат откако почна постапката за преземање на акциите од страна на „Балкан Петролеум“, само за да го потврди молчењето, со изговор дека нема понатамошни информации во оваа фаза на постапката.

khv

По доставувањето на понудата, тече законскиот рок од десет работни дена во кои КХВ треба да се изјасни дали ја прифаќа, што ќе зависи од тоа дали таа е во согласност со законските прописи. Сепак, експертите кои за ова прашање се изјаснија во јавноста, велат дека улогата на Комисијата мора да биде многу поширока, односно дека КХВ, кога решава за вакво преземање треба да биде особено внимателна, да го истражи потенцијалниот купувач и да направи се за да го заштити македонското стопанство од шпекулативните зделки и нечистиот капитал од странство.

Во македонската јавност уште со првото спомнување на „Балкан Петролеум“ како потенцијален купувач на акциите на „Макпетрол“ се појавија загрижувачки информации за сопственикот на фирмата и луѓето поврзани со неа, кои водат до сомнителни офшор-мрежи, перење пари и корупција. Компанијата е основана во Лондон, но зад неа стојат низа фирми од Кипар и Британските Девствени Острови. Новинарските истражувања открија дека луѓето поврзани со овие компании се дел од матните источноевропски бизнис-кругови, а нивните имиња се појавуваат во најголемите светски скандали, меѓу кои и оној со „Документите од Панама“. Добро документираните случаи во кои истите овие луѓе, кои сега се обидуваат да го преземат „Макпетрол“, се вмешани во низа афери со корупција и перење пари, треба силно да го вклучат алармот кај надлежните институции, кои не смеат да дозволат сомнителниот офшор-капитал да влезе во земјава.

Кога сето ова ќе се земе предвид, заедно со големината на „Макпетрол“, неговото значење на нафтениот пазар во земјава и бројот на луѓе, вработени и акционери, чија егзистенција е директно поврзана со гигантот, може да се заклучи дека судбината на компанијата не е само прашање на приватен, туку и на јавен интерес, сметаат познавачите. Токму „Макпетрол“ веќе укажа на тоа дека документацијата на „Балкан Петролеум“ уште во првата фаза била некомплетна, како и дека спротивно на законот, компанијата ги контактирала акционерите и пред да биде доставена понудата. Наспроти ова, Комисијата за хартии од вредност и нејзината претседателка, Елизабета Чингаровска, и натаму не излегуваат пред јавноста со став околу понудата на „Балкан Петролеум“.