Thursday, Apr 25, 2024
HomeГОВОРНИЦАКолумна(Колумна) Сизифови маки

(Колумна) Сизифови маки

По завршувањето на летните одмори, СЈО повторно е ставено во погон и работи во полна пареа чешлајќи ги криминалните активности на мафијашката структура на власт. Меѓутоа недостатокот на специјално судско оделение во кривичниот суд, ја прави работата на СЈО сизифова. Секогаш кога СЈО го дотуркува каменот до врвот, судиите од тефтерчето на Гордана Јанкуловска го враќаат назад и така стои целиот процес во место.

Мафијашките структури ја купуват лојалноста, и таа престанува во оној момент кога мафијата не е во можност таа лојалност да ја плати.

Овие судии кои и се сега лојални на мафијата, во случај на нивен пораз и губење на власта, многу брзо ќе се адаптираат на новиот политички амбиент. Поради тоа сметав дека од големо значење е формирањето на специјалното судско оделение, со цел правдата во Македонија да не стане пазар, или пак нејзиното спроведување да биде третирано како политички реваншизам.

Погледнете ги само колку се весели, насмеани, дотерани членовите на мафијашката структура секогаш кога одат во СЈО, ко небаре да одат на распит во кој им се поставуваат прашања за сериозните кршења на законот којшто ги правеле изминативе години, туку на кафе пиење и трачарење со Катица, Ленче и Фатиме. Овој сегашен комфор на членовите на мафијата, во најголема мера е заслуга на Гордана, која во своето тефтерче доста успешно ги бележела “нашите” и “нивните”.

Силванева Бонева вели дека не гласала за СЈО кое ќе приредува “медиумски циркус”, туку за институција која професионално ќе си ја врши својата работа. Јас сум сигурен дека и оние кои на изминатите изборни циклуси гласаа за ВМРО, не гласале за да бидат од истите ограбени, али на крајот сепак се.

Од целата новинарска фела која деноноќно си вади очи за тоа кој бил, а кој не бил, кој бил подобар, а кој полош новинар, не се најде ниту еден јунак да и го постави вистинското прашање на поранешната министерка за внатрешни работи: Зошто не побаравте повлекување на аболицијата ако сте работеле според законските прописи? Место ова добивавме болни исповеди од страна на бившата министерка во кои жената ако треба и солза ќе пушти само да не убеди дека таа е чиста, а ние сме луди што им веруваме на „креираните“ разговори од бомбите на Заев.

Единствената искра надеж во оваа речиси безнадежна состојба е изјавата на американскиот амбасадор кој вели дека нема решение на кризата без соочување на криминалците со лицето на правдата. Тоа ми дава надеж да верувам дека правдата можеби споро, али на крајот сепак ќе го стигне секој кој работел спротивно на законот.

gruevski-izjava

Се обидувам, но сеуште неможам да одгатнам што се случува во главата на бившиот премиер.

Не можам да сфатам дали човекот сеуште мисли дека дури и при евентуална победа на неговата партија, тој би се вратил повторно во неговиот премиерски кабинет. Се надевам дека разумот кај него работи колку толку за да опцијата победа на неговата партија и уште повеќе негово враќање на Илиндеска бб. ги смета воопшто за возможни.

Јас се сомневам дека тој во кампањата која следува ќе биде понудата за иден премиер од страна на неговата партија, па дури и дека воопшто ќе се најде на избирачките листи. Она за што тој моментално се бори е задржување на неговото претседателско место во ВМРО, кое е единствена гаранција дека во иднина тој остане играч на масата на која ќе може да се пазари за тоа кој ќе биде соочен а кој поштеден од соочувањето со правдата.

Веројатно ќе се запрашате зошто сметам дека останувањето на местото претседател на ВМРО-ДПМНЕ е за него исклучително важно? Од позиција на претседател на неговата партија, без специјално судско оделение, и судии кои сакаат секогаш да бидат на страната од каде што дува ветерот, процесуирањето на криминалите на бившиот премиер и неговите соработници ќе биде многу лесно претставено пред неговото членство како политички реваншизам, при што нему од таа позиција ќе му биде значително полесно да мобилизира маса од гдомовци кои место “Никој ништо не ти може Никола” ќе извикуваат “Правда за Никола”.

Целиот овој политички маркетинг, искористен дури и за време на поплавите каде што ударна вест во медиумите беше предвремено прекинатиот одмор на “загрижениот” бивш премиер, кој “деноноќно” додека камерите се вперени кон него со неговото омилено оружје им помагаше на настраданите семејства, имаат за цел да направат слика на светец од најголемиот државен олош во нашите глави, за да кога ќе дојде времето СЈО да ја заврши својата сизифова голгота, будалите излезат на улица и го бранат олошот што ги опљачка.

Автор: Вуко Мелов

Колумната првично е објавена на порталот doznaj.com.mk