HomeДЕНЕШНАЕкономијаКолку трошат ВМРО ДПМНЕ и СДСМ во предизборна кампања?

Колку трошат ВМРО ДПМНЕ и СДСМ во предизборна кампања?

evra-partii

Колку трошат двете најголеми македонски политички партии во предизборната кампања – анализира агенцијата Мета.

За претседателските избори во 2014 година беа потрошени околу еден милион евра. За изборната кампања за Ѓорге Иванов, ВМРО-ДПМНЕ потрошиле 878.781 евра, покажува нивниот финансискиот извештај. СДСМ, пак, изборната кампања за претседател го чинела речиси четирипати помалку или само 282.193 евра.

Претседателски избори 2014 година

ВМРО – ДПМНЕ                      878.781 евра
СДСМ                                           282.193 евра

Финансиските извештаи за кампањите за предвремените парламентарни избори во 2014 година покажуваат дека владејачката партија потрошила околу 1,5 милиони евра, а СДСМ близу 200.000 евра.

Парламентарни избори 2014 година (вкупно)

ВМРО – ДПМНЕ                          1,5 милиони евра
СДСМ                                                 200 илјади евра

Претседателката на „Транспарентност Македонија“, Слаѓана Тасева, за „Мета“ вели дека главен проблем во однос на финансирањето на изборните кампањи од страна на партиите е тоа што извештаите не ја прикажуваат состојбата реално, односно не се прецизирани детално влезот и излезот на парите.

„Трошат многу повеќе пари од што реално прикажуваат, а не се знае како ги покриваат минусите на сметките. Државните институции не утврдуваат докрај дали кредитите што ги зеле партиите се вратени, дали фактурите што им се издадени се платени, бидејќи имаше и такви случаи. Институциите не постапија докрај и не се утврди како е покриен минусот. Исто така, потребно е да се утврди и легалноста на трошењето на парите на партиите кои се наменети за нивно работење, а не само за покривање на минусот“, вели Тасева.

На прашањето дали тој минус се покрива и со исплати од страна на државата врз основа на освоени гласови, таа смета дека тоа не е доволно, бидејќи тој минус на сметките е голем.

Исто така, во финансискиот извештај на владејачката партија за парламентарните избори во 2014 година, наведени се само приходите од членарина. Во ставката расходи, стои дека најмногу пари (1,2 милиони евра) се потрошени за реклами и за пропаганда. Опозицијата, пак, за ова намена потрошила само 121.045 евра.

Парламентарни избори 2014 година (за реклами)

ВМРО – ДПМНЕ                           1,2 милиони евра
СДСМ                                                    121 илјади евра

Според анализата на Центарот за истражувачко новинарство „Скуп“, симптоматичен е и начинот на кој партиите се рекламираат во медиумите. Државниот завод за ревизија утврдил прекршување на изборниот законик за политичко рекламирање во медиумите, бидејќи цената на услугата искажана во фактурата за политичко рекламирање доставена од еден радиодифузер е за 50 проценти пониска од цената утврдена во ценовникот за политичко рекламирање.

Иако со закон е предвидено, нема регистар на донации за да се види кои се луѓето што донираат, колку донираат.

Аналитичарите, исто така, сметаат дека Државната комисија за спречување на корупција по изборите има право да испита дали некој од донаторите на победничката партија имал привилегија за бизнисот поради тоа што донирал и дали некој од донаторите на опозицијата трпи штета поради тоа што донирал.

Изборниот закон сега дозволува рок до три месеци за партиите да ги поднесат финалните финансиски извештаи, што, исто така, остава доволно простор за „штимање“, за разлика од порано кога тој период изнесуваше еден месец.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com