Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаКолку пати годинава се обиделе нелегално да пренесат пари преку граница?

Колку пати годинава се обиделе нелегално да пренесат пари преку граница?

Од почетокот на годинава, досега, се откриени 84 обиди за нелегално пренесување преку граница на готови пари во различни валути, во противвредност од околу милион и 113 илјади евра. Станува збор за 972.300 евра, 99.200 швајцарски франци, 37.300 американски долари, 5.400 австралиски долари, 4.950 канадски долари, 3.900 фунти и 126 000 денари.

– Од почетокот на годинава на граничните премини се пријавени приближно 14,5 милиони евра, а лани 14,7 милиони евра. Во 2014 година, во 80 случаи, спречено е нелегално пренесување на готови пари во противвредност од околу милион евра, од кои 778.635 евра, 141.400 американски долари и 130.180 швајцарски франци, соопшти денеска Царинската управа која ја реактивираше кампањата за информирање на патниците кои влегуваат, излегуваат или транзитираат низ Македонија за нивните права и обврски поврзани со внесување или изнесување пари.

Во рамки на кампањата, што почна во август лани, изработени се брошури на македонски, англиски, албански и турски јазик со информации за патниците кои се делат на сите гранични премини за важечката царинска регулатива поврзана со пријавување пари. Изработен е и информативен видеоклип кој се емитува на екраните на аеродромите „Александар Велики“ и „Св. Апостол Павле“ во делот за чекирање каде патниците поминуваат пред да излезат од државата и во делот на зоната за пристигнување на мониторите кај лентите за багаж каде патниците го чекаат својот багаж при влез во државата.

Информативни табли, пак, за важечката царинска регулатива за патнички промет, на македонски, албански и англиски јазик, се поставени на граничните премини. Покрај информации за дозволените износи за внесување и изнесување пари, содржат и информации за дозволените количини за внесување или изнесување на тутунски и алкохолни производи, парфеми, предмети за лична употреба, лекови, миленичиња…

Лимитот за внесување ефективни странски пари или чекови изнесува до 10.000 евра. Доколку патникот носи ефективни странски пари или чекови над 10.000 евра, должни е да ги пријави на царинските органи. Што се однесува до изнесувањето девизи од Македонија, резидентите мора да го пријават секој износ над 2.000 евра по лице и притоа да приложат потврда од овластена банка или менувачница. Изнесување ефективни странски пари над 10.000 евра од страна на резиденти е забрането. Нерезидентите можат слободно да изнесат ефективни странски пари или чекови во износ до 10.000 евра по лице. Доколку изнесуваат ефективни странски пари над 10.000 евра, патниците се должни да ја дадат на увид писмената потврда во која е евидентиран износот при влез од страна на царинскиот орган.

Дозволено е внесување и изнесување на домашни пари до 120.000 денари. Нерезиденти смеат да внесуваат и изнесуваат над 120.000 денари, но треба да ги пријават на царинските органи и да дадат на увид доказ дека средствата се купени/подигнати од сметка во домашна или странска банка. За резиденти е забрането внесување и изнесување над 120.000 денари.

За непријавување или погрешно пријавување пари и чекови кои патниците ги носат со себе, предвидени се казни. Парите привремено се одземаат или запленуваат. Покрај ова, законот предвидува парични казни во износ од 1.000 до 1.500 евра за физички лица, 10.000 евра за правни лица во денарска противвредност, а за одговорното лице во правното лице 30 проценти од одмерената глоба за правното лице. Предвидени се и затворски казни за случаи поврзани со перење пари и финансирање тероризам.