Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАКој триумфално по Илинден ќе состави Влада?

Кој триумфално по Илинден ќе состави Влада?

По завршувањето на  илинденските празници, лидерот на  СДСМ и поранешен премиер Зоран Заев , најави интензивирање на преговорите за составување на идната македонска влада. Од друга страна и лидерот на опозициската  ВМРО-ДПМНЕ  Христијан Мицкоски најави дека неговата партија ќе преговара за формирање на идно парламентарно мнозинство. Интегративците од Мала Речица, се  себепрогласија  за  апсолутни победници на изборите, освојувајќи (само) 15 пратенички мандати, и се промовираат како незаобиколен фактор при составување на владиното мнозинство. Коалицијата предводена од Алијансата за Албанците и Алтернатива, исто така не ја исклучува можноста и тие да учествуваат во новата влада.

 Секој крчмар со свои сметки. Сепак да ги погледнеме математичките комбинаторики и резултати за да добиеме појасна слика кој со кого може да ја состави новата македонска влада. Старо-новата коалиција предводена од  СДСМ ( овој пат заедно со БЕСА), и нивните 46 мандати, со мандатите на ДУИ ( 15), и 1 ( ДПА), е мнозинството за кое најмногу се шпекулира во јавноста. Првенците од ДУИ ја смирија реториката, и веќе јавно во медиумите ги канат претставниците на СДСМ да состават мнозинство. Сепак, реториката од предизборието со која Заев ги испраќаше поранешните команданти во опозиција остава простор дека оваа предвидена коалиција и не  е толку извесна. 

Втората варијанта е влада предводена од СДСМ со Алијансата за Албанците. Во овие математики недостасуваат два или три пратенички мандати, кои согласно шпекулациите во јавноста, се очекува да ги надополни „ трговијата“ која лидерот на социјалдемократите ја планира со пратеници од опозициската листа. Во третата варијанта, Владата предводена од  ВМРО-ДПМНЕ со ДУИ, ги изискува пратениците од  Левица за минимално парламентарно мнозинство. Лидерот на оваа партија, Димитар Апасиев, се изјасни дека само во предвидена  хипотетичка ситуација на влада помеѓу „ ВМРО-ДПМНЕ“, Алијансата, БЕСА , тогаш Левица би можела да даде малцинска поддршка“. 

Ова се чини е поневеројатна ситуација од  широка коалициска влада. Во целата шпекулативна рашомонијада, се провејува и можноста за формирање на  концентрациона влада, во која учество би земале најголемите партии и коалиции ( СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и АА), се со цел да се создаде стабилизирано мнозинство, кое би имало за задача да се справи со предизвиците кои допрва следат: есенскиот бран на корона пандемијата, економските последици од кризата, како и стабилно владеење визави предвидената есенска разврска на косовскиот јазол, односно дефинитивното решавање на косовскиот проблем помеѓу Србите и Албанците. Во контекст на оваа варијанта, се нагласува и коалцијата помеѓу  СДСМ, ДУИ и АА, без  ВМРО-ДПМНЕ како проширено мнозинство, се со цел постабилно да се владее. Сепак дискутабилно е колку стабилно би се владеело во една иста влада помеѓу ДУИ и АА. На 04.08 , досегашниот собраниски спикер ја закажа конститутивната седница на новиот парламент, и од тој момент течат уставните рокови за формирање на влада. По седницата , во наредните 10 дена, лидерите на политичките партии, треба да пуштат „ бел чад“, односно да го информираат претседателот Стево Пендаровски дека искомбинирале и се договориле за парламентарно мнозинство. По ваквата хипотетичка ситуација, претседателот Пендаровски му го дава мандатот на лидерот-предводник на коалициското мнозинство во наредните дваесет дена да ја состави идната македонска влада и да ја предложи на собраниско гласање.